Бирото за развој на образованието реагира со демант на текстот објавен на порталот „СДК.мк“ со наслов „Додека сите чекаат план за онлајн настава и обука за наставниците, вработените и директорот на бирото за развој на образованието си отишле на колективен одмор“.

Во текстот има невистини и се повикува на „извори“ кои очигледно не се доволно упатени во работата и активностите на Бирото или имаат друга цел и шират невистини и сакаат да предзивикаат паника и недоверба во институциите на системот пред почетокот на учебната година. Со оглед на здравствената криза со ковид 19 во нашата земја и предизивиците со коишто се соочува образованието, а особено во изнаоѓањето на најсоодветни начини за отпочнување на новата учебна година, советниците во Бирото за развој на образованието оваа година и не користат годишен одмор. Заради законската обврска тие имаат решенија за користење на годишен одмор од 10 работни дена, но и покрај тоа тие се ангажирани и работат од дома. Една од обврските што ја имаат е изработувањето на скратените наставни програми за сите наставни предмети од основното образование, гимназиското образование, уметничкото образование и општообразовните предмети во стручното образование. Овие скратени програми се изработени и истите ќе бидат доставени во МОН на усвојување, иако според сите досегашни насоки и протоколи јасно е дека нема да се работи според скратени програми, бидејќи согласно постоечките закони тие се изработуваат за вонредни состојби и настава којашто е во траење од 100 дена. Во текот на целиот летен период Бирото за развој на образованието активно е вклучено во изработка на истражувања и изработка на документи значајни за успешно организрање и реализирање на наставата и учењето, се вели во демантот.

Оттаму додаваат дека советниците во моментов работат и на подготовка на видео содржини за септември и октомври заедно со дел од наставниците, а потоа ги верифицират и истите се поставуваат на порталот ЕДУИНО.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.