Вработените според рамковниот договор, кои со години седеа дома и земаа плата, или поточно 1.349 службеници ќе бидат распоредени во 237 институции и органи на државната и локалната самоуправа.

Меѓу нив, најголемиот дел се економисти и правници, но има и кадар со средно образование. Планот за нивен трансфер помина на владина седница, а денеска првиот вицепремиер и министер за политички системи, Артан Груби го презентираше планот.

Тој вели дека меѓу овие лица нема само Албанци, туку и Македонци, Роми, Турци, Срби и Бошњаци. Нивниот трансфер ќе се врши преку систематизација на работните места на исто ниво согласно условите кои ги исполнуваат. Во рок од седум дена, тие треба да си ги подигнат упатните решенија од Министерството за политички системи и односи меѓу заедници, а Груби очекува тоа да се случи до крајот на наредната недела со оглед дека треба да доаѓаат лично, а притоа да не се прави метеж поради почитување на протоколите за заштита од ковид-19.

Груби веќе им ги потпишал упатните решенија кои тие треба да ги примаат и да ја започнат процедурата на одјавување од тоа Министерство и пријавување во институцијата каде ќе треба да работат.

-Ако по кој било основ кој било од нив не дојде во рок од 7 дена, тогаш на сите тие им се укинува работното место во Министерството за политички систем и се ставаат на трансфер листа во Министерството за информатичко општество и администрација каде веќе изборот не е нивен, односно од институцијата која има слободно место им се нуди. Ако тоа го одбијат им се укинува работниот договор, рече Груби.

Тој прочита и дел од институциите кои ќе преземат поголем број на службеници:

Министерство за внатрешни работи 143;
Управа за јавни приходи 92;
Државно правобранителство 74;
Царинска управа 74;
Управа за водење на матични книги 41;
Државен пазарен инспекторат 35;
Агенција за заштита на личните податоци 30;
Агенција за катастар 29;
Министерство за надворешни работи 26;
Клиничка болница Тетово 25;
Министерство за финансии 25;
Центар за управување со кризи 24;
Фонд за здравствено осигурување 22;
Министерство за земјоделство 21;
Агенција за вработување 20;
Државен завод за статистика 15;
Фонд за пензиско и инвалидско осигурување 13;
Управа за имотно правни работи 12;
Служба за општи и заеднички работи при Владата 12;
Државен архив 12;
Државен инспекторат за труд 12;
Министерство за информатичко општество и администрација 11;
Министерство за образование и наука/Биро за развој на образование 11;
Државен просветен инспекторат 10;
Министерство за транспорт и врски 10;
Агенција за храна и ветеринарство 10;
Дирекција за заштита и спасување 10;
Јавно претпријатие за државни патишта 10;
Основен суд Тетово 10;
Јавно обвинителство Тетово 10;
Клиничка болница Куманово 9;
Меѓуопштински центар за социјална работа – Гостивар 8;
Министерство за животна средина и просторно планирање 5.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.