Само во Србија, Албанија и во Косово од соседните земји може да патуваат македонските државјани без да направат ПЦР тест за коронавирус и да не бидат сместени во карантин.
Албанија со одлука на тамошната влада границата за странски и домашни државјани ја отвори на 1 јуни, при што не се предвидени посебни протоколи, освен вообичаените мерки за носење заштитна маска и одржување физичка дистанца.
За влез во Србија, од 22 мај нема потреба од негативен тест на коронавирус или посебна дозвола, како за домашните, така и за странските државјани.
Косово ги отвори границите за сите соседни земји, за домашните и за странски државјани. Не е потребен тест ниту карантин, или самоизлоација при влез во земјата. Се врши само проверка на температурата на лица по случаен избор од страна на здравствен тим.
Но, иако, со одлука на владата од 17 јуни отворени се сите гранични премини во државата, остануваат да важат активните мерки за заштита од ширење од коронавирусот, а обврската за задолжителен ПЦР тест и карантин при влез во земјава ги обесхрабрува граѓаните да заминат на патување вон границите.
За влез во Македонија е задолжително да се приложи валиден негативен ПЦР тест, не постар од 72 часа. Останува и мерката за потпишување „Изјава за задолжителна самоизолација во траење од 14 дена“, врз основа на која Државниот санитарен и здравствен инспекторат изготвува Решение за здравствен надзор и домашна самоизолација, која ја контролира МВР.
Останува во сила и мерката за државен карантин во траење од 14 дена, за сите граѓани или странци со регулиран престој во земјава, коишто при влез на територија на РСМ нема да приложат валиден ПЦР тест или ќе приложат невалиден ПЦР тест. Останува и можноста граѓаните кои се во државен карантин и сакаат да им се направи ПЦР тест на нивно барање, тоа да им се овозможи од страна на овластена институција во најкраток рок.
Оние граѓани на кои направениот ПЦР тест е негативен, потпишуваат „Изјава за задолжителна самоизолација во траење од 14 дена“ каде се пресметани и деновите поминати во државен карантин, и го напуштат државниот карантин и заминуваат во задолжителна самоизолација на адресата определена во дадената изјава. Доколку граѓаните не сакат да им се направи ПЦР тест, остануваат во карантин 14 дена, а по тој рок од страна на овластени претставници од ДСЗИ им се изготвува Решение за здравствен надзор и домашна самоизолација.
Владата претходно го дополни и Протоколот за непречен транзит на странски државјани низ територијата на Македонија, и од денеска протоколот овозможува влез на сите гранични премини на државјани на други држави за транзитирање низ нашата територија. Транзитот на овие лица подразбира влез на еден граничен премин и излез на друг со обврска при транзитот да не се излегува од соодветниот автопат или локален пат и тој да се реализира во рамките на најмногу 5 часа што се потврдува со изјава која странските државјани треба да ја пополнат на влез, а на излез треба корисникот да ја предаде на граничната полиција со цел да се контролира времетраењето на транзитот.
За патување во Бугарија и Грција како земји членки на ЕУ важат насокоите дадени од ЕК за отворање на границите од 1 јули, годинава.
Влез во Бугарија не е дозволен за македонските државјани, освен за транзитирање кон Македонија или кон држава членка на ЕУ (под одредни услови). Забраната се однесува на сите гранични премини во периодот од 18 јуни до 30 јуни. При транзитирањето не е задолжителен ПЦР тест, ниту карантин или самоизолација.
Од 15 јуни грчките власти ги отворија границите за поголем дел од граѓаните на ЕУ, но не и за нашите државјани, за кои влез ќе биде можен од 1 јули. Исклучок се возачите на камиони. Забраната за влез од Македонија во Грција важи и за странските државјани кои транзитираат низ нашата земја, вклучително и државјани на ЕУ.
На 1 јуни Црна Гора ги отвори своите граници за 130 земји во кои бројот на активни случаи е помал од 25 на 100.000 жители и ги укина повеќето преземени мерки за да се спречи ширењето на коронавирусот. Условот за бројот на активни случаи го прави неможно патувањето на наши државјани во оваа земја.
За Словенија е потребен ПЦР тест доколку доаѓаш од држава која има неповолна епидемиолошка слика. Словенците имаат список на држави којшто го менуваат во зависност од развој на настани. Македонија е во листата земји заедно со Србија, Косово и БиХ чии граѓани при влез во земјата мораат да доставам тест не постар од три дена или 72 часа. Потоа одат 14 дена во самоизолација.
Во Хрватска ако имате резервација во хотел или слично не е потребен ПЦР тест. Ова се однесува на трети земји не и за тие од ЕУ.
Австрија се граничи со земји на ЕУ и протокот на луѓе е регулиран во координација со ЕУ. За граѓаните од Западен Балкан, вклучително и за нашата земја, важат правилата кои се носат во Брисел.
Информација за режими на движење и правила за транзит на државјани на Република Македонија во други земји,во Евопа и пошироко, во контекст на пандемијата со ковид 19 објави МНР на својата веб страница.
Наспроти патниот, авионскиот сообраќај во земјата се уште е во прекин. Министерот за транспорт Горан Сугарески минатата недела изјави дека се разговара, но оти се уште е рано за одлука за отворање на аеродромите.
Во меѓувреме, нискобуџетната авиокомпанија Виз Ер најави дека до 13 јули ја продолжува суспензијата на летови до и од Македонија поради продолжувањето на рестрикциите за патување наменети за сите странски летови.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.