Во врска со приговорот на ВМРО-ДПМНЕ до Државната комисија за спречување на корупција за моја наводна злоупотреба на службено возило на Министерството за здравство за партиски цели во Штип на 28 јуни, ја информирам јавноста дека на споменатиот датум во Штип бев во посета на штипската болница која од почетокот на корона кризата функционира како регионален ковид центар, а посетив и една градинка во градот, вели Венко Филипче во својата реакција, откако Државната комисија за антикорупција утврди дека министерот за здравство, со возило донирано од Кина учествувал на партиски собир на СДСМ и коалицијата во Штип.

На настанот дојдов со возило кое на почетокот на кризата Министерството за здравство го доби од Агенцијата за разузнавање со договор за користење, а не со службено возило на министерството.

По завршување на дневните обврски пред заминување за Скопје, во својство на Претседател на здравствената комисија на СДСМ бев на настан на кој ја презентирав здравствената програма на коалицијата „Можеме.“

Бев уверен дека постапувам согласно законот, дека нема апсолутно никакви прекршувања и доколку се утврди спротивното се извинувам за ненамерниот превид.

Ниту пред, ниту по Штип не сум користел службено возило за никакви други цели освен за работните обврски во министерството. Образложението за ова ќе го доставам и до Претседателот на Владата, Оливер Спасовски, вели во својата реакција Филипче.

Тој додава дека сите посети на јавно здравствените установи низ земјата во овој период се во насока на согледување на состојбите во установите, начините на кои тие се справуваат со корона кризата, предизвиците со кои се соочуваат здравствените работници и можностите за унапредување на целокупниот здравствен систем во справување со ковид-19.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.