Она што е неопходно и нужно во периодов е носење на сет на антикризни мерки за здравјето на граѓаните и помош за погоденото стопанство, потенцираше на денешната прес-конференција претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, додавајќи дека во текот на вчерашниот ден во консултација на тимот доктори и членови на комисијата за здравство на партијата, како и економскиот тим изработиле сет антикризни мерки за заштита на граѓаните и помош на бизнисот.

Во дополнителниот пакет на мерки за заштита на здравјето на граѓаните од ВМРО-ДПМНЕ предлагаат:

Прво, да се спроведе итна национална набавка на антисептични средства и нивно поставување на јавни прометни места како и овозможување на бесплатна употреба и располагање од граѓаните.

 

Второ, државата односно владата да обезбеди бесплатни маски и ракавици за граѓаните.

 

Трето, потребно е формирање на стручно тело, од посебен тим на експерти, засилено од постојните државни институции кои ќе прават строга контрола на евентуалните злоупотреби на дефинирање на високи цени за продажба на маски, антисептични средства и други превентивни помагала. Ова не случајно го говорам, бидејќи забележани се енормни високи цени кои се нереални при продажба на маските, односно не смее да се дозволи богатење врз здравјето на граѓаните. И за ова имаме конкретни докази за една веледрогерија блиска до власта, за која доколку институциите не реагираат доказите за нереално високи цени и наплаќање на излезни фактури за маски 40 пати повисоки од влезните ќе ги објавиме во јавност.

 

Четврто, обезбедување на бесплатни средства за заштита на работниците под висок ризик од корона вирус, и тука освен здравствените работници, под ризик се и работниците на градилиштата, работниците во јавниот сообраќај, шалтерските работници и редица други професии чија што работа подразбира контакт со лица.

 

Петто, предлагаме редуцирање на работата на државната администрација, половина од администрацијата да се ослободи од работа и да се направи цикличен распоред во работата на државните органи, со тоа ќе се намали и ризикот од брзо ширење на вирусот.

 

Шесто зголемување, т.е. удвојување на човечките капацитети на работа во здравствените установи непосредно задолжени за справување со последиците од корона вирусот.

 

Седмо, овозможување на отворена 24 часа линија за консултации и прашања поврзани со вирусот.

 

Осмо, потребно е формирање на посебно државно контролно тело чија единствена задача ќе биде надзор и контрола на примената на превентивните мерки.

 

Деветто, еднократна парична помош и целосно бесплатно лекување за заболените од вирусот.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.