Поранешниот градоначалник на Тетово, Сади Беџети, истакнува дека вчерашната изјава на актуелниот прв човек на општината, Биљал Касами било клевета и невистина. Беџети вели дека тој својата работа во општина ја вршел чесно и дека Финансиската полиција не ја истражува работата од времето кога тој бил на чело на општината.

Беџети го повика Касами јавно да се извини, бидејќи во спротивно, како што најави, ќе го тужи за клевета, објави ТВ 21.

Од телевизијата се обиделе да стапат во контакт со Касами, но не добиле коментар за најавата на Беџети за тужба.

Во текот на вчерашниот ден, финансиската полиција изврши контрола во општина Тетово, а Касами посочи дека станува збор за „проверка на предмети од времето на екс-градоначалникот на Тетово, Сади Беџети“. Касами обвини за политички притисок врз него, бидејќи како што вели, во 8-годишниот мандат на Теута Арифи, Финансиската полиција не нашла време да ги процесира предметите.

Сепак, од Управата на финансиска полиција преку писмено соопштение истакнаа дека работат непристрасно и побараа случајот да не се политизира.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.