Лидерот на опозициската Демократска партија Љуљзим Баша, на денешното Национално собрание на партијата, вети дека силата што ја предводи ќе биде една од најчистите субјекти во Албанија, јави дописничката на МИА од Тирана.
Во структурите на Демократската партија нема место за лица кои ја нарушуваат западната ориентација на Албанија, со популистички девијации и слепи национализми насочени кон дестабилизација на регионот и создавање неизвесност за иднината на Албанија. ДП треба да биде гаранција на Албанците кои ќе живеат во земја со очи, ум и тело на запад. Како ќе биде денеска ДП, утре ќе биде Албанија, рече Баша.
Тој додаде дека нема да дозволи дел од ДП да бидат лица кои го засрамуваат албанското општество.
Срцето ми е преполно што ве гледам сите заедно денеска, во ден кога имаме многу да кажеме, ден на размислување, обединување и одлука заедно да го избереме патот на иднината. Не сме собрани да се тапкаме по раменици, туку да кажеме некои вистини кои одамна не сме ги изговориле или само сме пелтечеле. Знам дека некои се желни да ги слушнат, а знам дека другите можеби ќе бидат вознемирени од нив. Но, денеска се собравме во име на вистината, рече тој.
Пред донесувањето на неколкуте одлуки Баша порача дека треба да се донесат одлуки кои ги посакува Албанија.
Ова е голем, храбар чин, затоа што ќе треба денеска да го донесеме она што го сака Албанија, рече меѓу другото Баша.
Една од одлуките е во централните структури на Демократската партија да не се избираат лица прогласени за персона нон грата, како и онаа одлука со која за неважечки ги прогласи сите одлуки, меѓу нив онаа за разрешување на Баша од лидерската фунција, што беа донесени на собранието свикано од страна на Бериша, што се одржа на 11 декември.
Бериша повеќе не е во структирите на ДП, нема место за лица кои се закана за прозападната ориентација на Албанија, порача Баша по изгласувањето на одлуките.
Националното Собрание има вкупно 7.600 делегати, а на денешната средба учествуваа 5.004 делегати.
Во меѓувреме продолжено е гласањето во повеќето гласачки места во општинските организации на партијата во рамки на референдумот организиран од Бериша и приврзаниците, за разрешување на Баша, на кој право на глас имаа 75 илјади демократи.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.