Сведоци сме на секојдневни премиерски промоции на засилени градежни активности, партиски трибини, отворања и разни други проекти, анализира „Алфа“. Но според премиерот Заев ова засилено предизборно темпо е сосем неточен впечаток. Тој тврди дека не ја злоупотребувал државната функција за партиски цели, а активностите периодов биле тековни проекти.

Апсолутно не е исто. Ние не купуваме гласови, не делиме предизборни субвенции. Ние и тогаш, и сега критикуваме неделење на партијата од државата, порача премиерот Зоран Заев.

Не само премиерот. Праксата за употреба на владини ресурси во предизборни и други партиски цели, што СДСМ ја критикуваше кога беше во опозиција, сега не важи, па се применува со идентично темпо од останатата владина апаратура. За експертите легитимно е ова прашање, особено ако владините функционери тоа го прават во работно време.

Ако е вистина, тоа е етички проблематично. Прашањето е дали тоа го прави во текот на работното време или не, и дали за тоа добива одредена надокнада. Секако, владиниот тим не би требало да биде вклучен во поддршка на кампањата на Пендаровски. Треба да имаме предвид сепак дека тие владини функционери по работа одат во партијата, а партијата го кандидира Пендаровски, така што не би можело целосно да се избегне, вели за „Алфа“ аналитичарот Петар Арсовски.

Најголема прашина околу трошење на буџетските средства се крена кога Владата организираше 15 фестивали за НАТО и ЕУ во предреферндумскиот период. Јавноста негодуваше, а власта долго време калкулираше со соопштување на точната сума на пари потрошена за фестивалите. НАТО повторно е тема на негодување кај јавноста, оти министерството за одбрана објави конкурс за средношколците за текстови на тема „НАТО и јас“. Наградените ќе имале можност да одат во посета на седиштето на Алијансата.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.