Од денеска се отвораат четири нови пунктови за вакцинација: во поликлиниките Бит Пазар, Драчево, Ченто и Ѓорче Петров. Според информациите од Министерството за здравство, 32 отсто од полнолетното население на територијата на целата држава е веќе имунизирано со барем една доза на вакцина.
Завчера биле вакцинирани 17.679 граѓани, а прва доза примиле 8.030.
Заклучно со завчера, вакцина примиле вкупно 543.597 граѓани, ревакцинирани се 439.048, односно аплицирани се 982.645 дози.
Министерството информира дека според последните бројки, барем една доза вакцина досега примиле 66 проценти од населението над 70 години, 63 проценти над 65 години, 59 отсто од луѓето што се повозрасни од 60 години и 48 отсто од луѓето над 50 години.
Граѓаните може да се вакцинираат без закажан термин на вакцинални пунктовите низ државата. Процесот на теренска вакцинација се одвива на територијата на цела држава.
Вакцините штитат од тежок тек на болеста и од смртен исход од вирусот. Само со масовно вакцинирање на населението може да ги спречиме натамошните мутации на овој вирус и затоа, повикуваме на вклучување кон процесот на имунизација на сите граѓани – порачуваат од Министерството за здравство.
Најголем опфат со прва вакцина има во Гевгелија 51 процент и Кавадарци 50.3 отсто, каде што половина од населението е веќе вакцинирано. Потоа следи Охрид со 48.1 отсто, а од 40 до 48 отсто вакцинирани има во Неготино, Битола, Ресен, Берово, Пехчево, Штип и Валандово.
Помеѓу 30-40 отсто со вакцинација со барем една доза во градовите Демир Хисар, Велес, Свети Николе, Кочани, Делчево, Крива Паланка, Прилеп, Крушево, Скопје и Пробиштип. Помеѓу 20-30 проценти има во градовите Кичево, Виница, Куманово, Кратово, Дебар, Струга, Македонски Брод, Струмица, Тетово и Радовиш, а 19.9 отсто опфат во Гостивар.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.