ВМРО-ДПМНЕ денеска на прес-конференција побара Јавното обвинителсто да отвори случај за злоупотребата на пари во Националната агенција од страна на директорката Лидија Димова, а документите да бидат јавно објавени.

Портпаролот на партијата Димче Арсовски рече дека Театарот кој го прават СДСМ, Лидија Димова, Љупчо Николовски и Зоран Заев е само со една и единствена цел, а тоа е да се дефокусира јавноста од криминалот кој е сторен во Националната агенција.

Оваа смешна препирка низ медиумите дали Лидија Димова ќе си даде оставка или не, дали Владата ќе ја разреши или не, е само театар за граѓаните, да мислат дека оваа Влада е одговорна и чесна, рече Арсовски.

Тој рече дека постои сериозен сомнеж за кривично дело, вклучително и сведоштво од вработени во Националната агенција, дека над 20.000 евра пари се извадени од благајна со факсимил на Лидија Димова без покритие. А, потоа и набавка на две луксузни возила во вредност од 100.000 евра.

Лидија Димова влезе во низа од скандали кои достигнуваат огромни суми на пари, а сепак нема ниту еден отворен случај, ниту од Јавното обвинителство, ниту е повикана да биде сослушана.

Тој потсети на случаите за доделување проекти за медиумска писменост и други на фризерница во вредност од 270.000 евра. На доделување проект на брат на пратеник на СДСМ за дресура на магариња во вредност од над 83.000 евра. Доделување проект на истиот брат на пратеникот од СДСМ за едукација за избор на сирење во вредност од над 125.000 евра.

Ова се неколку скандали во вредност од неколку стотици илјади евра. Кој ли знае уште колку вакви скандали ќе излегуваат на површина. Сметаме дека Лидија Димова треба да си даде оставка веднаш, а пред тоа да ги објави транспарентно сите документи за спорните проекти за кои што има сомнеж во јавноста, потенцираше портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.