Секој ден го слушам Максо како настапува, дебатира и го брани својот политички концепт „За наше Куманово“. Искрено и убедливо, без фолирање. Ми доаѓа да ја сменам личната карта и да се преселам во Куманово. Ќе гласам со отворено срце за него и за Ивана. За жал, живеам во Центар. Во Центар засега знам само за кого нема да гласам. Нема да гласам за овие што се на власт, го крадат нашиот простор и ни градат бетонски чудовишта во нашите маала, пишува на својот профил на „Фејсбук“, Петар Атанасов, поранешен заменик министер за образование од редовите на СДСМ.
Неговата борба за Куманово станува симбол за отпор против една корумпирана и загубена политичка сила. Затоа се крева толкава врева и се дава големо значење на неговата партиска „непослушност“. Повеќе месеци не сум бил во Куманово, но гледам по медиумите и според сликите и извештаите како расте една нова ѕвезда на македонското политичко небо. Гледам како многу граѓани ги следат неговите настапи и сѐ повеќе има луѓе кои мислам дека искрено ќе го поддржат на локалните избори и заедно ќе остварат убедлива победа за Куманово, уште во првиот круг, наведува Атанасов.
Тој додава дека во Максим Димитриевски и во политичкиот концепт „За наше Куманово“ гледа една нова енергија.
Доста ни е од моќни, богати и големи политички партии, кои се добро организирани, имаат силна инфраструктура и одлично функционираат. Но, притоа, владеат неодговорно и ги трошат нашите пари а работат на штета на граѓаните и на општеството, порача Атанасов.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.