Нашето образование е руинирано и не го поседува ниту просечниот квалитет, оценува за „Слободен печат“ поранешниот заменик министер за образование Петар Атанасов. Според него, наставата во основните и средните училишта продуцира сè послаби кадри со сè помалку вредности. За предложената нова концепција во основното образование Атанасов вели дека промени треба да има, но сеопфатни, кои ќе резултираат со квалитет.

Претходната Влада на чело со Груевски се впушти во посеопфатни реформи, но видовме дека тие промени не вродија со квалитет, иако беа „потрошени“ пет министри. Сега во Владата на Заев, Мила Царовска е трет министер, а и таа преку ноќ најави реформа во клучен елемент во образованието, односно во наставните програми. Стручната јавност имаше голем број реакции и забелешки дека не е добро тоа што се нуди. Реакциите се резултат на тоа што немаше подготовка за новата концепција – изјави Атанасов.

Тој додаде дека новата концепција за основното образование не е сеопфатна и оценува дека е грешка што се интегрира предметот „историја“ без да се консултира стручната фела, особено Катедрата за историја и тоа во период кога е чувствително прашањето за историјата.

Извор: Слободен печат



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.