Асоцијацијата на специјализанти и млади лекари реагира на информацијата за регресот за годишен одмор на администрацијата.
Наместо да се смислат решенија за одмор на медицинскиот персонал кој беше во први борбени редови цела година, ќе се наградат оние кои седеа дома. Не дека немаше такви и меѓу нашите колеги, ама приоритетот мора да се знае. Платете одмор на медицинските работници и останатите во здравството кои работеа со Ковид пациенти, порачаа од АСМЛ.
Вработените во јавната администрација кои од лани во март до пред неколку недели не одеа на работа поради мерките за заштита од ковид-19, сепак ќе добијат регрес за годишен одмор, К-15.
Премиерот Зоран Заев одговарајќи на новинарско прашање дали е соодветно да се дава К-15 на администрацијата што не одеше на работа, во време кога приватниот сектор се соочува со тешкотии во работењето и намалени плати, рече дека регресот мора и треба да се исплати оти тоа е предвидено со колективните договори од 2019.
Имаа разбирање за одлагање на ова мерка во 2020 бидејќи кога требаше да почне исплатата почна третиот бран на коронавирусот и беше несоодветно регресот да се исплати во време кога приватниот сектор оди со рационализација. Оваа година одлучивме да се исплати и треба да се исплати, сме го ветиле и не само што сме го ветиле потпишан е договор. Затоа се алоцирани дополнителни 230 милиони денари за оваа намена, рече Заев.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.