Портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Димче Арсовски, истакна дека во Македонија постои класичен медиумски мрак и ситуацијата во Извештајот на „Репортери без граници“ за ситуацијата со медиумите во Македонија е оценета таква каква што е – дека е лоша, дека владините функционери и натаму се закануваат на новинарите, односно се обидуваат да ги угушат и да не говорат за криминалот кој ни се случува пред очи.

Арсовски вели дека се уште се злоупотребува корона пандемијата во Македонија, за на многу медиумите да им се ограничи можноста да поставуваат прашања и да присуствуваат со цел да се сокрие онаа неспособност на Владата да се бори со пандемијата.

Она што мене најмногу ме загрижува, но и сите останати, тоа е репресиите од страна на власта, односно заканите, тужбите и на некој начин заканите по семејствата на новинарите. Ние се уште имаме свежи примери каде уредници на медиуми за кои се водеше и се води процес, како уредникот на Инфомакс, Митовски. Тоа е уредникот којшто беше осуден на условна казна заради наводно оддавање службена тајна. Но, тоа е сепак осуда и обид за да се заплаши, за подоцна да не објавува за криминалот на власта. Тоа е еден од примерите зошто котираме вака лошо на листата. Би сакал да го споменам тука уредникот на „Лидер“, за којшто во моментот се води процес за слично дело, којшто исто така е најревносен во објавувањето на криминалите, а инструментите и апаратите на власта и на СДСМ сакаат да го заплашат – потенцира Арсовски.

Тој посочи уште една работа за која верува дека е во извештајот, а тоа е дека постои структура на луѓе коишто работат на социјалните мрежи, а се платени со парите на граѓаните и работат во Влада, таканаречени партиски ботови, коишто секојдневно кога некој медиум или новинар ќе се потпише на некој текст, односно ќе истражува и објави за криминалот на власта, веднаш му се нафрлаат и веднаш го напаѓаат со лични навреди, со омаловажувања, со навреди кон неговото семејство, со навреди и закани кон животите на семејствата.

Но, ова мора да прекине и мора да се охрабрат се повеќе новинарите, коишто трпат репресии од страна на власта, да застанат на страната на граѓаните и да објавуваат за криминалот. Јас би сакал да им честитам на сите новинари и медиуми кои и покрај таквите закани кои ги добиваат од власта и останати фактори, сепак одлучуваат да стојат на страната на граѓаните и го изнесуваат целиот криминал на власта. Сите оние кои се чувствуваат заплашени ги охрабрувам да преминат на страната на граѓаните и да известуваат за криминалот, бидејќи само заедно можеме да го победиме овој медиумски мрак. Верувајте, дека во првиот момент кога ќе се смени власта ќе прекине, бидејќи никој не смее да ги злоупотребува државните ресурси и парите на граѓаните за да ја угуши медиумската слобода во Република Македонија – нагласи Арсовски.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.