Портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Димче Арсовски, истакна дека по молкот на надлежните институции за скандалот во кој што Општина Штип доделува милионски тендер на семејната фирма на Бочварски може да се каже дека борбата против корупцијата во Република Македонија практично и не постои.
Џабе министер за борба против корупција, џабе декларативни изјави, џабе флоскули.
Надлежните институции сакаат да го забошотат и прикријат случајот, кој е школски пример за корупција и злоупотреба на службена должност. Очигледно само власта не сака тоа да го види. Ова е пример како Зоран Заев работеше во Струмица додека беше градоначалник, истото тоа го пресликал Бочварски во Штип – вели Арсовски.
Истовремено, Арсовски јавно ја повика Антикорупциската комисија да го истражи овој случај.
Тие антикорупционери кои што седат во фотелји во институцијата, не се само таму за да седат на државен трошок и претседателката на Антикорупциската комисија не е таму за да биде платена од народните пари за да ги штити СДСМ и Владата, туку треба да иницираат случаи и да работат. Еве им јавно повик да отворат случаи и да истражат дали имало било каков судир на интереси. До сега ниту еден случај немаат завршено како што треба до крај. Затоа евидентно е дека ги штитат Владата и СДСМ.
Општина Штип доделува милионски тендер на фирмата „Де Лукс“ ДОО од Штип во сопственост на Владимир и Венцислав Бочварски, чичко и татко на Благој Бочварски само еден ден откако овој истиот е именуван од градоначалник за министер за транспорт и врски.
Целата тендерска постапка се одвивала додека Благој Бочварски е градоначалник на Штип, а еден ден откако е именуван за министер, на 1-ви септември, се објавува неговата семејна фирма како добитник на тендерот. Мислам дека нема потреба ниту да се убедуваат, ниту да се обидуваат да убедат некого дека ова е чиста случајност или чиста професионалност. Не почитувани, ова е класична злоупотреба на службена должност. Тоа значи дека Бочварски знаел, па дури и имал најверојатно можност да влијае за семејната фирма да добие тендер кој што ќе биде платен од парите на граѓаните – вели Арсовски.
Како што порача Арсовски, парите на граѓаните се користат за лично богатење на функционерите од власта.
Тоа е тој систем за кој што го говориме, кој што го воведе Заев во Струмица, а како канцер се шири и метастазира низ цела држава.
Е сега, бидејќи вчера Благој Бочварски се заканил на социјалните мрежи дека ќе ме тужи токму мене, најверојатно иритиран што јавноста дозна за какво семејство станува збор во штипско и како функционира, еве јавно го повикувам да тужи, па на Суд да појасни дали неговото семејство земало ваков милионски тендер од институцијата или не земало. Таму ќе има шанса да докаже.
Во спротивно, на ваквите закани од страна на Бочварски кој што најверојатно има путер на главата бидејќи се обидува да се заканува, нормално никој не ги восприема тие закани, ќе одговорам со многу други тендери кои ги земаат неговите семејни фирми од државните институциите и локалните институции во Штип. Па слободно, може и за тие да тужи и да се објаснуваме каде сака, и кога сака, односно на кој Суд сака и каде сака. Така да очекувајте во следните денови уште вакви тендери – истакна Арсовски.
На ваквите обвинуваа од Арсовски, од СДСМ одговорија дека фактите говорат оти
компанијата „Де лукс“ ДОО Штип ниту аплицирала, ниту добила тендер од Општина Штип додека градоначалник бил Благој Бочварски.
Оттаму истакнуваат дека ваквите обвинувања се инспирирани од стравот на ВМРО-ДПМНе од, како што истакнуваат од СДСМ, извесниот пораз на предвремените локални избори во Штип.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.