Судскиот совет сè уште ги нема добиено одлуките на Врховен суд кои се однесуваат на два предмета, а со кои се опфатени тројца судии, и нема податок дали се укинати само одлуките за разрешување на судиите или се укинати и решенијата за суспензија, изјави денеска портпаролот на Судскиот совет Љубиша Арсиќ.

Арсиќ, во соопштение до медиумите, напоменува дека откако ќе пристигнат одлуките на Врховниот суд, согласно законот, постапките за судиите ќе бидат повторени.

Како и да е, според Законот за судски совет, откако ќе пристигнат одлуките на Врховен суд, а праксата вели дека одлуките стигаат за неколку седмици, постапките за судиите ќе бидат повторени од страна на комисиите формирани во Судскиот совет, а потоа новите одлуки ќе бидат конечни – рече Арсиќ.

Судскиот совет на 378 седница, одржана на 14 јули годинава, разреши тројца судии поради нестручно и несовесно вршење на судиската функција и донесе одлука за престанок на мандат на двајца судии поротници од Основниот кривичен суд Скопје поради навршени 60 години возраст. Тогаш, разрешените судии времено беа одалечени од вршење на судиската функција.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.