Со брза реакција на Армијата, во соработка со локалната самоуправа во Штип, пожарот кај Криви Долкај е ставен под контрола и заштитен е армискиот склад за резерви на муниција кој вчеравечер беше под закана на огнена стихија, информира министерката за одбрана Радмила Шекеринска при посета на складот.

– Денеска сум во Овчеполието и во овој регион за да изразам огромна благодарност и да честитам на припадниците на Армијата кои во текот на вчерашниот ден помагаа во сите општини, но успеаја навистина да пружат натчовечки напори заедно со општина Штип да го обезбедат магацинот во којшто нашата Армија ги чува резервите на муниција и којшто би претставувал ризик за сите нив и за сите нас како граѓани. Тие успеаја навистина во текот на ноќта, кога се сметаше дека е ризична ситуацијата, целосно да го заштитат објектот и целосно да го заштитат локалното население – рече министерката.

За денешната состојба Шекеринска информираше дека припадниците на Армијата остануваат целосно активни на терен во поддршка на заедничките напори за справување со пожарите и порача дека граѓаните можат да се потпрат на институциите кои, пак, мораат да продолжат да инвестираат во системот за заштита и спасување.

– Денеска битката со пожарот продолжува како и на многу места низ државата и навистина сакам да ги повикам сите наши граѓани, сите локални и централни власти да бидеме заедно и да бидеме добро координирани во справување со ова зло. Сега е навистина момент кога и институциите и многу поединци во Армијата, во противпожарните единици, во локалните власти, во институциите како ДЗС, ЦУК, полицијата и други покажаа на кого можеме да се потпреме и покажаа дека многу треба да се инвестира во системите за заштита и спасување – рече министерката.

Мајорот Александар Гаврилов истакна дека се презмени сите мерки, направен е противпожарен појас и дека складот е заштитен, а како отежнувачки околности за целосно гаснење на пожарот го посочи ветрот кој дува со голема брзина.

– Ние како Армија ги преземавме сите мерки, луѓето се уште на терен, ангажирани 24 часа и колку е потребно, толку ќе останеме за да спречиме понатамошно ширење на пожарот – рече тој.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.