Армијата на Република Македонија официјално во касарната „Илинден“ ги прими во своите редови 70 нови професионални војници.
Во таа пригода, министерката за одбрана, Радмила Шекеринска, порача дека Армијата се развива и јакне, но и се подмладува.
Вие денеска станувате дел од најценетата, најпочитуваната институција со најголема доверба во нашата држава – им порача Шекеринска на новите 70 војници.
Шекеринска истакна дека интересот бил исклучително голем.
Првпат, за 70 места за војници имавме 750 кандидати, практично по 10 кандидати за секое место. Тоа покажува дека нашето вложување во институцијата, во подобри услови и опрема, веќе се забележува од страна на сите – истакна министерката.
Шекеринска информира дека во наредниве денови ќе биде распишан нов конкурс за прием на уште 200 професионални војници, коишто треба да создадат и нов капацитет во кој Армијата и Министерството ќе вложуваат.
Приемот во НАТО, доаѓањето на Бригадата на Југоисточна Европа, новата опрема и зголемените плати во Армијата, придонесот во вонредната состојба, лидерското место во транспарентност и довербата кај граѓаните, направија 2020 година да биде наша успешна година во делот на одбраната – изјави Шекеринска.
Со денешниот прием на 70 војници вкупната бројка на новопримени војници во изминатите три години изнесува 630.
На свеченоста по повод приемот на новите војници присуствуваше и началникот на Генералштабот на Армијата, Васко Ѓурчиновски и командантот на касарната „Илинден“.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.