Собранието денеска го обезбеди потребниот, но килав кворум од 61 пратеник, за да може да продолжи со гласање на неколку точки од дневниот ред, заобиколувајќи ја најголемата опозициска пратеничка група.
Со 61 глас за, без ниту еден воздржан или против, досега пратениците на 22. седница одлучија по скратена постапка да биде разгледан Предлогот за дополнувања на Деловникот на Собранието на Република Македонија, со што треба да се овозможи пратениците кои се во изолација поради позитивен тест на КОВИД-19 или поради контакт со лице со позитивен тест да можат да се вклучат во работа на Парламентот од далечина или онлајн.
Седница продолжува со утврдување на дневниот ред, меѓу кој е и точка на дневен ред за избор на потпретседатели на Собранието, но и други материјали. Попладнево ќе продолжат со работа прво по точките од дневен ред на 20. седница, по чие завршување би требало да преминат на точките од 21.
Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ не е во салата и се подготвува за големиот протест по вчерашното интервју на Зоран Заев на БГНЕС.
Денес не е ден кога треба да се зборува за други теми во Собранието на Република Македонија. Денеска треба да се повикаат во Собранието Зоран Заев, Никола Димитров и Бујар Османи, ако треба и на затворена седница, да се поразговара за македонските црвени линии и да бидеме информирани како пратеници што е тоа што преговара и што се е спремен Зоран Заев да продаде од македонската држава, рече Николче Мицевски од ВМРО-ДПМНЕ.
Но, од друга страна, во Собранието се наоѓа пратеникот од Левица Димитар Апасиев. Најгласниот на социјалните мрежи денеска ја подвитка опашката и го обезбеди потребното парламентарно мнозинство и овозможи во сенка да бидат изгласани неколку битни закони.
Откако на претходната седница не беше обезбедено потребното мнозинство, поради пратеничка од СДСМ позитивна на Ковид-19, денеска би требало да се продолжи со гласање на Добрила Кацарска за член на Уставниот суд.
Претседателот на Собранието Талат Џафери тогаш потсети дека уставниот судија се избира со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници и информира дека, бидејќи нема услови за одлучување по однос на оваа точка, ќе се гласа во моментот кога ќе се создадат услови за гласање.
Со денешните 61 присутен, меѓу кои и Апасиев, условите се обезбедени.
Во Собрание вака лесно може да помине и спогодбата помеѓу Владата и „Макпетрол“ за купопродажба на дел од гасоводот, во кој досега 50% сопственик беше компанијата.
На „Фејсбук“ Апасиев обвини дека опозицијата заминала од салата иако знаела дека и без нив има кворум, но тој самиот не се одважи да го растури мнозинството.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.