Дали со исплатата на долговите кон тутунарите во сред изборна кампања е прекршен Изборниот Законик? Антикорупционерите по сопствена иницијатива ќе истражуваат дали има злоупотреби со исплатата на 27 милиони евра за реколатата од минатата година, што е 80 отсто од вкупната сума.

Од ВМРО-ДПМНЕ обвинија дека злоупотреби има и со исплатата на парите за лозарите на кои винариите им ги должеа. Во случајот употребени се државни пари за исплата на долг на приватни фирми – што, според опозицијата не може да се смета за субвенција или тековна исплата. Станува збор за сума од 1 милион и 250 илјади евра. Антикорупционерите го прифатија овој приговор на опозцијата.

Од приговорите на ВМРО-ДПМНЕ, антикорупционерите прифатија уште два. Покренаа прекршочна пријава против градоначалниците на Гази Баба и Штип. Ќе истражуваат зошто Борис Георгиевски по распишани избори преку соопштение се пофалил дека родителите од училиштата во Гази Баба нема да плаќаат за обезбедувањето. За градоначалникот на Штип Благој Бочварски ќе треба да утврдат дали законски донирал дрва на социјално загрозените лица од градот.

Дополнително, Антикорупциска отвора и постапка за раководителот на Секторот за хортикултура од ЈП Водовод, Јово Темелковски. Ќе истражуваат дали неговата фотографија со маичка со потписот на Стево Пендаровски е фотографирана во просториите на институцијата во која работи.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.