Антикорупциска под лупа го става имотот на екс генсекот на Владата Драги Рашковски.

Откако вчера истражители од организиран криминал влегоа во фирмата Инвако груп и во домот на сопственикот од кој Рашковски го купи сообраќајниот софтвер за МВР, од ДКСК ќе истражуваат како се стекнал со имотот кој не е наведен во анкетниот лист. Првата антикорупционерка Билјана Ивановска за Алфа најави дека следната недела Рашковски ќе биде повикан на разговор и во Комисијата.

Во моментов ДКСК има отворено три случаи за Рашковски – едниот е за случајот „Леонардо“ и набавката во МНАВ , набавката на софтверот за МВР за кој ниту имало потреба ниту пак некој бил информиран, но антикорупционерите го чешлаат и целиот имот на Рашковски.

Ивановска открива дека од досегашното испитување на случајот Леонардо, направена е поширока истрага но државата веќе плаќа високи суми на пари поради ненавремено повлекување на траншите од кредитот во случајот со МНАВ.

Под притисок на јавноста истражителите на ОЈО вчера во две вреќи ги изнесоа документите за набавката на софтверот кој треба „да лови“ сообраќајни прекршоци во служба на МВР од фирмата преку која Рашковски го набави. Инаку поранешниот генерален секретар на Владата и близок соработник на премиерот Заев,  сам го креираше софтверот и сам потпиша согласност за негова набавка во 2018-та, кога државата ја водеше техничка влада. Истиот овој софтвер ја чинеше државата 81 илјада евра .



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.