Го одврзаа ли ќесето бизнисмените блиски до власта за справување со кризата од корона вирусот? Или уште подиректно дали, како и колку пари дадоа на пример фирмите на поранешниот вицепремиер за економски прашања Кочо Анѓушев? Дали фирмите на екс премиерот Зоран Заев донираа и колку, купија ли некој респиратор?
Алфа го праша директно Кочо Анѓушев телефонски. Изреагира зошто сега го прашувале, зошто не се интересирале за неговите донации пред да ни се случи корона вирусот. Ама пак дали сега дал пари не одговори.
Изминативе години многу пати донирав, и ќе продолжам, со цел да се помага на стотици граѓани на кои им е потребно помош. Кога бев вицепремиер донирав и зошто тогаш не прашавте? Секогаш сум подготвен да помогнам каде има потреба. Тој што помага не треба да се фали – рече во телефонски разговор поранешниот вицепремиер за економски прашања Кочо Анѓушев.
А колку пари дале фирмите на семејството Заеви од партијата на власт до почетокот на вестите, молк. Кои други бизнисмени донирале? Освен оние што отстапија хотели за државен карантин, оние кои самоиницијативно помагаат со изработка на маски, и помагаат со заштитни материјали и дезинфициенси, за другите не слушнавме.
Зошто сметката на пример за донациите не е транспарентна, за да може јавноста да знае кои компании за чии успеси секојдневно слушаме – ја помогнале државната каса, и зошто другите не?
Во меѓувреме никој од надлежните не објаснува зошто прво не се удри по платите на високите функционери во државните институции, туку веднаш се предложи да се исечат платите на целата администрација до минимални.
Колку за споредба во Албанија платите на сите функционери ќе бидат преполовени. Така соопшти премиерот Еди Рама. Претседателот Илир Мета самоволно се откажа од половина од платата.
За помош на стопанството и српскиот претседател најави сет економски мерки, но во ниту една нема кратење на плати. Бугарскиот премиер Бојко Борисов пак, на средбата со бизнисмените им рече дека кризата може лесно да да ја поминат и да обезбедат пари за работниците, ако ги продадат скапите јахти и автомобили кои ги поседуваат.
Извор: Алфа
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.