Директорот на ЦУК, Стојанче Ангелов на денешната прес-конференција соопшти дека постојат мали пропусти во настанот со починатиот овчар од кратовско Златко Божиновски, но дека проблемот главно е институционален.
Формирана беше Комисија за случајот во Кратовско. Ние не сме предвидени за единечни случаи, но ги решаваме и нив. Целиот систем за управување со кризи има слабости, пренатрупани проблеми и систематска слабост, кој ќе биде надмината во наредниот период. Ова е слабост во пишаните процедури, потенцира Ангелов.
Тој исто така соопшти дека ќе предложи да му се додели медал за докторот што бил на лице место и дека настанот ќе пројде во ЈО, за да се види дали некој ќе одговара и кривично за смртта на овчарот.
Немам изјавено дека ние не сме надлежни, постојано бевме во тек со ситуацијата, вели Ангелов.
Љупчо Крстевски, кој што е дежурен оперативец во ЦУК и кој прв го добил повикот за помош за премрзнатиот овчар изјави дека не добил барање за хеликоптер, ниту од докторот кој што бил на лице место, ниту од директорот на Здравствен дом Кратово.
Беше побарано само теренско возило, никој не побарал хеликоптер, не знам од каде тоа беше пласирано во медиумите, изјавија од ЦУК.
Во болницата во Штип на 6-ти април почина 63-годишниот жител на кратовското село Емирица Божиновски, кој пет часа бил носен на раце низ тешко прооден планински терен за да се спаси неговиот живот. Овчарот кој беше пронајден во тешка здравствена состојба, откако 12 часа лежел на снег во близина на домот, имал мозочно крварење и изминативе денови бил во кома.
Овчарот претходно од страна на медицинска екипа и негови роднини, на импровизирана носилка, пет часа на раце бил носен низ снегот, за да го спасат неговиот живот. Лелеците на 90-годишната мајка која барала да се спаси нејзиниот премрзнат син ги слушнал докторот од Итната помош, Павле Зафиров, кој заедно со уште три лица, со часови го носеле на раце премрзнатиот овчар.
Една од институциите кон којашто беше вперен прстот, беше токму Центарот за управување со кризи.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.