Директорот на Центарот за управување со кризи, Стојачне Ангелов, соопшти дека е формирана петчлена комисија која детално ќе го испита случајот со завеаниот овчар во Кратовско и ќе утврди дали постојат пропусти и слабости кај Центарот за управуавње со кризи или во другите институции.

Како што порача Ангелов, ќе утврдат каде точно се пропустите и слабостите, за тие да бидат надминати во иднина. Ангелов изјави дека не сакаат и нема да дозволат во иднина никогаш некој граѓанин да се најде во таква ситуација.

Оперативецот на ЦУК од Кратово бил фокусиран на барањето за наоѓање теренско возило – џип, па дури и трактор со кој би можело да се отиде до местото и во ниту еден момент од лекарскиот тим што бил на лице место од него не било побарано да обезбеди хеликопер. Доколку од оперативецот било побарано да обезбеди хеликоптер, тој тоа барање ќе го проследел до него и за кратко време би бил обезбеден хеликоптер.

 

Имаме доволно хеликоптери, кои што би учествувале во една ваква спасувачка мисија. Како директор на ЦУК имам директна комуникација со врховниот командат на Армијата, со претседателот Стево Пендаровски од каде што, од порано ми е посочено дека, доколку ни е потребно во секој момент може да сметаме на хеликоптер. Исто, во постојана комуникација сум и со министерот за одбрана, како и со началникот на Генералштабот на Армијата – изјави Ангелов.

Ангелов посочи дека ЦУК постои за да им служи на граѓаните кога им е најтешко и кога нивниот живот е доведен во опасност и нивното здравје е загрозено.

Оперативецот на ЦУК од Кратово ги презел сите потребни мерки. Откако бил информиран дека во конкретното село се наоѓа човек на кој му се пружа брза помош и истиот е во животно загрозувачка состојба и треба итно да биде извлечен од селото, тој веднаш се јавил во полиција и го известил надлежното лице. За жал, во полицијата немале соодветно теренско возило со кое можеле да стигнат на лице место, но се понудиле да отидат неколку посилни полицајци да помогнат во извлекувањето. Оперативецот, потоа се јавил и во Противпожарната заштита, од каде го добил истиот одговор. Се јавил и во ЈП „Македонски шуми“, потоа и на директорот на ЕВН во Кратово, а на крај се јавил и на директорот на Јавното комунално претпријатие Кратово, од каде најпрво добил надеж дека ќе биде обезбедено такво возило, но тоа не било обезбедено – изјави Ангелов.

Тој нагласи дека е запрепастувачки фактот дека во цела општина не можело да се најде теренско возило, кое ќе отиде на лице место и ќе помогне во извлекување на животно загрозениот пациент.

Оперативецот на ЦУК од Кратово бил фокусиран на наоѓање теренско возило, но во ниту еден момент од него не било побарано да обезбеди хеликоптер. Според стандарнди оперативни процедури тој не е обучен во ваква ситуација да носи одлука дали треба или не треба хеликоптер. Сепак, како ЦУК овде пронаоѓам една наша слабост, која во иднина ќе биде променета. Тие стандардни оперативни процедури ќе бидат променети и секогаш, во  каква било ситуација, кога ќе имаме загрозен живот или сериозно загрозено здравје на кој било наш граѓанин и на кое било место, како ЦУК ќе се погрижиме да испратиме хеликоптер за извлекување – нагласи Ангелов.

Ангелов, исто  така, упати честитки на тимот од Брзата помош за покажаната храброст и пожртвуваност, особено на доктор Павле Зафиров.

Ќе разгледаме предлагање за одликување на тројцата членови на тимот кој што го извлекоа животно загрозениот болен пациент – изјави Ангелов.

Претходно, Ангелов укажа дека проодноста на патиштата, спаѓа под надлежност на локалната самоуправа и ги повика сите градоначалници повеќе внимание да посветат на проодноста на патиштата до секое населено мести, без разлика дали во него живеат илјадници луѓе или само еден човек.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.