Во 9 часот наутро закажав состанок на Групата за процена за да ја разгледаме сериозноста на ситуацијата и, доколку процениме дека има потреба, на Управувачкиот комитет ќе му предложиме прогласување кризна состојба на целата или на дел од територијата – најави директорот на Центарот за управување со кризи, Стојанче Ангелов.

Тој за пожарот во Старо Нагоричане изјави дека на почетокот бил активиран армиски хеликоптер, но поради високите пладневни температури, хеликоптерот не бил во можност да продолжи со активистите за гаснење. Дури попладнето, кога температурите паднале под 40 степени, хеликоптерот повторно полетал.

Ангелов за критиките зошто не бил испратен хеликоптер во Кочани во справување со огнената стихија изјави дека тоа било затоа што во тој момент пожарот во Старо Нагоричане веќе имал зафатено неколку куќи, а подоцна немало доволно гориво да биде испратен во Кочани.

Ние како влада и како Центар за управување со кризи постојано повторуваме дека безбедноста ни е на прво место. Безбедноста и на луѓето на земја и на лицата во воздухопловот ни се на прво место. Денеска токму тоа го постигнавме бидејќи никој не беше тешко повреден. Во попладневните часови, кога температурата падна за неколку степени, командантот на Воздухопловниот ВИНГ повторно го крена хеликоптерот и се упати кон Старо Нагоричане каде што беа зафатени куќи и постоеше опасност од жртви. Во меѓу време, се разви пожарот во Кочани кој беше далеку од куќите, но ветрот брзо го донесе во нивна близина. Во разговор со командантот беше одлучено дека нема доволно време хеликоптерот да биде испратен за кочани зашто веќе беше доцна, а и немаше доволно гориво – изјави Ангелов.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.