Треба да оставиме да се формира владата, за да се дојде до решение за разликите меѓу Бугарија и Македонија, изјави денеска бугарскиот амбасадор во земјава Ангел Ангелов.

Разговорите продолжуваат, тие никогаш не запреле и се водат доверливо меѓу двете министерства за надворешни работи. Се надевам дека ние ќе добиеме нова влада. Утре е првата сесија на новиот Парламент на Бугарија и се надеваме дека новата политичка влада ќе постигне договор со македонската влада. Треба да оставиме да се формира владата, затоа што во Парламентот има седум политички партии и е многу тешко постигнувањето на решение. Така што, се надевам дека прво ќе избереме влада за да може да се дојде до решение, рече Ангелов, на новинарско прашање при посетата на Штип, за надминување на билатералниот спор и за тоа дали бугарската страна ќе има нов пристап во разговорите.

Запрашан за 16-те пресуди од Европскиот суд за човекови права за прекршување на правата за здружувањето на македонското малцинство во Бугарија и негирањето на македонско малцинство, како и на инсистирања на Софија за почитување на правата на бугарското малцинство во Македонија и дали тоа бугарската страна го крши Договорот за добрососедство, Ангелов вели дека проблемот е што Договорот за добрососедство од 2017 година не се исполнува од македонска страна, но и, како што вели, дека нема претензии од Бугарија за бугарско малцинство во земјава.

Договорот за добрососедство не се исполнува и тука е целиот проблем. Ние бараме тој да започне целосно да се исполнува во сите аспекти. Бугарија во Уставот како и Франција не признава малцинства, сите граѓани се еднакви пред законот, односно не признаваме колективни права, секој има индивидуални права да се чувствува како што сака и ние тоа не меже да го забраниме, ниту правото да се здружува. Тука има уште една неоснована теза дека ние никогаш не сме претендирале дека има бугарско малцинство во Македонија, рече амбасадорот Ангелов.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.