Стефан Андоновски од ВМРО-ДПМНЕ, на денешната прес конференција изјави дека Владата во најава е се освен реформска. Ниту има нови лица, ниту тие лица се чесни, ниту пак се компетентни во секторите кои сега им се зададени. Ова се истите стари, истрошени, транзициски кадри кои го клекнаа судството на колена, а за возврат се обогатија со Луј Витон куфери.

Кадрите на Зоран Заев стануваат експерти за сè, од надворешни работи во правда, од труд во економија до образование, од градоначалници во министри итн. Бојан Маричиќ, од советник на Заев и главен промотор на штетниот Преспански договор, сега се предлага за министер за правда. Министерот во најава е познат по тоа дека ја лажеше јавноста дека референдумот за името бил успешен, но и по неговата изјава дека „Гоце Делчев, кој бил и бугарски херој, не треба да не разделува со Бугарија“. Бојан Маричиќ, како дел од Шарената револуција протестираше за реформирано судство. Во исто време неговиот родител беше дел од Републичкиот совет на обвинители за потоа да стане Виш јавен обвинител. Против чив непотизам ќе се бори министерот во најава, за какви спреги и кочници помеѓу извршната и судската власт зборуваме?
Како Бојан Маричиќ ќе носи реформи во судскиот систем, кога неговата сопруга на итна седница дента кога беше назначена и додели стипендија од 40.000 евра на ќерката на владиниот колега Никола Димитров? Дали можеби сопругата на Маричиќ ќе остане шеф и на неговиот кабинет, како што беше шеф на кабинет на Дескоска? И всушност зошто Дескоска заминува? Дали е тоа заради тоталниот неуспех да се реформира судството, застарувањето на предмети, очигледните политизирани судски одлуки, политичкиот реваншизам против неистомислениците, договорените казни од стотици години за уставобранителите? Или заради трите амнестии на криминалци од претходниот состав на Собранието?- истакна Андоновски.

Заев, кој своевремено сакаше да ги предводи судските реформи, сега тоа му го препушта на уште еден од низата „лажни експерти“ по сите прашања.

Навистина е чудно како може еден ист човек да е експерт и за невладин сектор, и за евроинтеграции и надворешни работи, и за правда. Не е ни чудо што според сите параметри сме прогласени за хибриден режим, а судскиот систем е најслабо оценет за неговата ефикасност и транспарентност и од македонските граѓани и од Европската Унија. На овој начин судството ќе продолжи да тоне. Случаи ќе застаруваат, „обичниот“ граѓанин ќе биде казнуван, а на моќниците ќе им се простува, ќе продолжи да цвета корупцијата, непотизмот и партизацијата. Власта ќе се пресметува со неистомислениците преку судот, ќе нарачува обвиненија, ќе монтира случаи, ќе избира подобни обвинители и судии, ќе прави се што сака. И доколку сака Маричиќ да покаже дека е борец за реформирано судство, го повикувам во првите денови да се позанимава со десетиците пријавени случаи за изборен поткуп за кои обвинителството молчи, да побара вештачење на мобилните телефони на лицата од случајот „Рекет“, и да побара одговорност од обвинителката за организиран криминал зошто се уште не се позанимавала со случајот „Ден Дончев“. Оваа влада во најава е влада со краток рок на траење. Од нејзе можеме да очекуваме само неуспеси и разочарувања – посочи Андоновски.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.