Претседателот на Комисијата за надворешна политика на Конгресот на САД, конгресменот Елиот Енгел, во рамки на работната посета на Република Македонија која е дел од неговата турнеја по земјите од регионот, денеска ќе има средба со претседателот на Собранието, Талат Џафери.

Енгел заедно со конгресменот Мајкл Мекал, кој е член на Комисијата за надворешна политика на Конгресот на САД, со која тој претседава, на 6 февруари годинава упатија писмо до администрацијата на претседателот Доналд Трамп со барање да го поддржи членството на Македонија во НАТО. Во писмото адресирано до државниот секретар Мајк Помпео, двајцата конгресмени нагласуваат дека членството на нашата држава во НАТО ќе помогне да се обезбеди стабилност и мирот на Балканот.

Конгресменот од САД вчера попладне имаше средба и со премиерот Зоран Заев на која било оценето дека Република Македонија се движи по вистинската патека и дека е добар пример во регионот како се решаваат билатерални прашања – низ храбри политики на искрен дијалог. Како што вчера соопшти владината прес-служба, на средбата била изразена силна поддршка за интеграциите на Република Македонија во НАТО и е констатирано дека членството на нашата држава во НАТО значи безбедносна заштита, стабилност и сигурност.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.