Американската амбасадорка во Македонија Кејт Брнс по втор пат упати повик до обвинителството и Владата на Зоран Заев да преземат мерки во врска со големиот корупциски скандал кој се шири околу Специјалната Обвинителка Катица Јанева.

 

-Како што веќе кажав, ова се сериозни обвинувања кои бараат сериозен, темелен, транспарентен и навремен одговор. Сега е моментот „Северна Македонија“ да покаже дека е посветена на владеењето на правото, напиша амбасадорката Брнс во порака на Твитер, при што ја сподели и сличната, но доста поблага порака на еврокомесарот Јоханес Хан.

 

 

Ова е вторпат амбасадорката Брнс да упати ваков повик по нејзиното пристигнување во Македонија. Во интервју за Алсат при крајот на јули, по апсењето на Боки 13 и Зоки Кичеец, амбасадорката рече дека САД поддржуваат темелна истрага по обвинувањата за корупција и злоупотреба на службената положба, и дека е критично важно осомничените да бидат повикани на одговорност од страна на Владата, независно од нивната функција.

Оваа порака не беше повторена при посетата на в.д. помошникот државен секретар Филип Рикер на Македонија, кој не го ни спомна огромниот корупциски скандал, но набргу потоа неговиот заменик задолжен за Балканот Метју Палмер упати директен повик да се истражат обвинувањата за криминал кои се однесуваат на Катица Јанева.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.