Алтернатива утревечер во 18 часот има закажано седница на Централното претседателство, што беше одложена поради тридневната жалост и автбуската несреќа во Бугарија во која загинаа 45 луѓе.

Членот на Алтернатива и пратеник, Скендер Реџепи Зејд, за МИА вели дека членовите на Централното претседателсто треба да му дадат насока на Централното собрание, највисокиот орган на партијата, и тоа ќе донесе одлука дали тие ќе станат дел од Владата и парламентарното мнозинство или ќе останат дел од опозицискиот блок.

Верувам дека во еден дијалог ќе ги соочиме сите аргументи „за“ и „против“ и дека ќе биде донесена соодветна одлука – вели Реџепи.

Негов став е дека доколку Алтернатива донесе одлука да стане дел од Владата, услов да биде давањето предност на програмата на партијата пред позициите на власта.

Претседателот на партијата Африм Гаши минатата недела беше на средба со премиерот и лидер на СДСМ Зоран Заев на која беше официјализиран предлогот Алтернатива да биде дел од владината коалиција, со што исто така со нивните четворица пратеници би се зголемило и мнозинството во Собранието.

Пратениците на Алтернатива беа потписници на иницијативата за недоверба на Владата.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.