СДСМ, ДУИ и ВМРО-ДПМНЕ можат преку амандмани да интервенираат во нашиот предлог-закон и да го подобрат, велат од коалицијата на двете опозициски партии

Нема потреба од нов предлог-закон за државјанство, кога нашиот предлог е веќе во собраниска процедура, велат од коалицијата на Алијанса за Албанците (АА) и Алтернатива.

На прес-конференција денеска тие порачаа дека вчерашните изјави на министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски со кои се најавува дека ќе поднесат нов-предлог закон или измени во Законот за државјанство, се непотребни и имаат за цел да го попречат носењето на нивниот предлог-закон.

„Цениме дека е апсолутно непотребно да се предложи нов предлог-закон кога се знае дека сите политички партии СДСМ, ДУИ и ВМРО-ДПМНЕ, преку нивните пратеници во Собранието со амандмани можат да придонесат за еден квалитетен закон и конечно решение за еден многу важен проблем со кој се соочуваат голем број на наши граѓани“,

велат од коалицијата на АА и Алтернатива.

Тие бараат од СДСМ како политичка партија јавно да каже дали го поддржува законот, а од заменик-министерот во МВР, Назим Буши од ДУИ, бараат да си поднесе оставка од морални причини поради деградирање на албанскиот гласач.

„После вчерашната изјава на Оливер Спасовски дека негативното мислење на МВР ја има поддршката и на неговиот заменик Назим Буши од ДУИ, бараме од ДУИ да се изјасни дали има промени во нивниот став во однос на предлог -законот за кој првично се изјаснија дека го поддржуваат, и исто така бараме од ДУИ објаснување, дали министерот Спасовски зборува и во име на ДУИ, бидејќи вчера добивме таков впечаток од начинот како се однесува спрема неговиот заменик, Назим Буши“,

велат од АА и Алтернатива.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.