Највисокото партиско тело на Алтернатива денеска треба да ја донесе конечната одлука дали партијата ќе влезе во Владата и дали нејзините четворица пратеници ќе бидат дел од парламентарното мнозинство. Партискиот портпарол Орхан Муртезани најави дека седницата на Централниот совет на Алтернатива е закажана за во 19 часот, во Тетово, а одлуката ќе биде соопштена по нејзиното завршување.
На овој одлучувачки состанокот на Централниот совет на Алтернатива му претходеа три средби на лидерот на партијата, Африм Гаши, со премиерот и претседател на СДСМ во оставка, Зоран Заев. По последната нивна средба во средата, од Владата соопштија дека се очекува до крајот на оваа недела да се остварат потребните консултации во СДСМ и Алтернатива и да се обезбеди потребното усогласување за можна заедничка влада.
Според владината прес-служба, на претходните средби начелно бил договорен програмскиот дел од можната идна соработка на Алтернатива во Владата и биле отворени и консултации за кадровски решенија и распределба на функционерски позиции.
Разговорите за евентуално ново парламентарно мнозинство и за влез на Алтернатива во Владата почнаа по неуспешната иницијатива на опозицијата во Собранието за гласање недоверба на Владата и повлекувањето на партијата Беса од владиниот кабинет. И од двете партии изјавуваа дека разговорите за нова владина коалиција се во интерес на евроатлантските интеграции на Македонија и зилез од економската, енергетската и здравствената криза, а не за партиски цели.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.