По аферата Мафија, како што ја нарече ВМРО-ДПМНЕ, која прва го обелодени скандалот со издавање македонски пасоши на странски криминалци, реагираа и од коалицијата АА-ААА. Ељми Азири прашува со колку сведоци 214-те наркобосови го добиле државјанството и како ги поминале филтрите на МВР без никој да забележи дека се криминалци.

МВР најпрво овозможило снабдување со државјанство а потоа им помогнало снабдувајќи ги и со лични документи и патни исправи. Во Република Македонија полесно ќе добие државјанство криминалец и разнесувач на дрога во меѓународната мрежа отколку лице родено и израснато во оваа држава, рече Ељми Азири, пратеник од АА.

Според министерот Оливер Спасовски за добивањето лажни патни исправи имало и посредник меѓу полицијата и лицето кое барало документи, а акцијата за нивно следење започнала уште во 2019.

Во понеделникот, на брифинг со новинарите под име „Мафија“, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски откри документи дека на балкански нарко босови им биле издавани македонски патни исправи со кои потоа тие патувале низ балканските и европските земји. Следниот ден, МВР објави дека е во тек полициска акција во која се апсат полициски службеници токму поради оваа афера, но тие ја нарекоа „Двојник“. Во оваа афера македонски пасош добил еден од најпознатите балкански мафијаши, Јован Вукотиќ, а турскиот мафијаш Седат Пекер имал македонска лична карта.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.