Коалицијата Алијанса за Албанците и Алтернатива го повикува Јавното Обвинителство, соодветно со законите да преземе мерки за скандалот со увоз на опасно отпадно масло декларирано како мазут, со цел откривање на виновниците, почнувајќи од фирмата добавувач Евротим, Царинската управа, Инспекторатот за животна средина, Пазарниот инспекторат, Министерството за економија и Министерството за животна средина и нивно изведување пред лицето на правдата.

Скандалот со отпадното масло, објавен од ИРЛ (истражувачка репортерска лабораторија), открива дека во суштина станува збор за тешки токсични горива кои се забранети во државите на ЕУ и како такви се строго забранети за употреба особено во урбани средини, реагира коалиција Алијанса/Алтернатива. Според партиите, овој скандал го откри вистинскиот лик на оваа влада која што и по цена на труење и ставање во опасност на животите на граѓаните, „решена е да ги задоволува личните бизнис интереси и на своите блиски поединци како што е случајот со поранешниот вицепремиер Кочо Анѓушев“.

Три години по ред Владата свесно и заради профит ги труела граѓаните, сметаат двете партии и упатија прашања до премиерот Заев:

Како е можно стотици илјади тони токсичен отпад од тешки горива да поминат низ царинска контрола и никој три години да не го регистрира тоа? Која е Вашата улога како прв човек на Владата, кога веќе и јавно се дозна дека вашиот бивш заменик и пријател, Анѓушев, посредувал во партнерството помеѓу снабдувачката компанија Евротим од Кичево и Хифа Оил од Босна“?

Коалицијата Алијанса/Алтернатива им порачува на граѓаните дека во текот на 2018 и 2019 година кога Скопје, Тетово и Кавадарци беа најзагадените градови во светот, Владата на СДСМ-ДУИ, преку министерот за животна средина и вицепремиерот Анѓушев ги обвинуваа граѓаните дека токму тие го загадуваат воздухот со греењето на дрва, а дека сега се дозна дека токму тие се вистинските загадувачи и убијци со труење на граѓаните за лична придобивка и интерес.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.