Директорот на Агенцијата за национална безбедност, Виктор Димовски е во првите редови на вчерашниот партиски собир на СДСМ за најава на циклус трибини, пренесува „Алфа ТВ“, додавајќи дека до него на снимките се гледа дека седи и Јовче Ременски, началник во АНБ, кој според опозицијата е клучен фактор кој одлучува за распределбата на кадрите во Агенцијата, инаку сопруг на пратеничката на СДСМ и поранешна министерка, Фросина Ременски.

И тоа во време кога во медиумите и јавноста се крева огромна прашина за распределбата на 50-мината службеници кои буквално висат на средина – односно нивната иднина не е решена – не се ниту во МВР ниту во АНБ, пренесува „Алфа“.

Според телевизијата, Димовски и самиот призна дека е направено кршење на законите при селектирањето кој ќе остане во АНБ, а кој нема, без никакво образложение дали ќе понесе одговорност за тоа, па додека јавноста чека одговори и одговорност, Димовски и Ременски се во првите редови во публиката од СДСМ. За да биде уште позачудувачки во среде работно време, оти Николовски зборуваше околу 13 часот.

На прашањата дали е во ред да присуствува на партиска трибина како прв човек на Агенцијата и дали бил однесес со службено возило и обезбедување, што „Алфа“ му ги испрати на Димовски, телевизијата не доби одговор.

Во меѓувреме останува фактот дека власта не знае дали лицата кои ќе го работат контраразузнавањето се безбедносно ризични.

Во членот 67 од законот за Агенција за национална безбедност стои дека при селекцијата кандидатите мора да поминат безбедносна проверка, односно полиграфско тестирање и тест за интегритет. Ова се клучни фактори за тајната служба, но ниту еден од кандидатите не бил подложен на тестирање.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.