Законски основ за преземање на предметите на СЈО од страна на Јавното обвинителство нема, од причини што во согласност со Законот за СЈО токму СЈО е единствено надлежно за гонење кривични дела поврзани и кои произлегуваат од незаконско следените комуникации, децидна е адвокатката Сања Алексиќ, која застапува обвинети во дел од предметите на СЈО.

Во изјавата за „Република“ таа потсетува дека токму СЈО имаше можност да презема контрола врз предметите кои спаѓаат во стварна надлежност на Јавното обвинителство во која било фаза од постапката.

Па така и се случи, во декември 2015 година СЈО презеде предмети од ОЈО Скопје, од тие причини апсурдно е по четири години предметите повторно да се вратат на ОЈО Скопје, истото е спротивно на Законот за СЈО и на крајот на краиштата, зошто се формираше СЈО ако предметите преземени од ОЈО Скопје се вратат во истото обвинителство и колку сето тоа ги чинеше македонските граѓани, вели Алексиќ.

Алексиќ потенцира дека во согласност со Законот за СЈО никаде не е предвидена можност јавниот обвинител кој раководи со СЈО да ги делегира предметите на ОЈО.

Апсурдот да биде поголем, преземањето на предметите се прави по наредба на јавен обвинител притворен токму под сомнение дека ја злоупотребил службената положба за да оствари имотна корист, токму во врска со преземање кривично гонење, вели таа.

На притворено лице му се ограничени правата и мерката притвор како најстрога ги апсорбира ограничувањата опфатени со други поблаги мерки за обезбедување присуство вклучително и „забрана за преземање на определени работни активности кои се поврзани со кривичното дело“.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.