Македонската заедница во Албанија веќе седум години бара од албанските власти да се формираат две нови општини – Голо Брдо и Гора. Според претседателот на македонското друштво „Илинден“ – Тирана, Никола Ѓурѓај, со нивното формирање ќе се олесни животот на Македонците во овој дел на Албанија.
Ѓурѓај, за „Слободен печат“, вели дека досега властите на Албанија ниту еднаш не им испратиле официјален одговор на нивното барање за формирање на нови општини.
По седум години од реформата на територијална организација на локалната самоуправа, областите Голо Брдо и Гора каде што живеат Македонци, останаа неразвиени, а услугите од државната администрација и локалната самоуправа отежнати. За еден извод се патува два часа, а снабдувањето со храна и лекови и натаму тешко се остварува – вели Ѓурѓај.
На седумгодишнината од укинувањето на општините, Македонското друштво „Илинден“ – Тирана и Македонското друштво „Илинден“ – Огранок Голо Брдо, повторно го актуелизираат барањето од 2014 година, Владата да предложи изменување и дополнување на Законот за општините со формирање на две опшини – општина Голо Брдо и општина Гора. Тие испратиле и соопштение до медиумите во кое пишува дека градоначалниците не треба да бидат именувани од Владата туку избрани на општи непосредни и тајни избори од граѓаните заради „доверба во системот и непосредното решавање на локалните комунални проблеми“.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.