Одговорност од министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски за бегството на Никола Груевски и Сашо Мијалков, но и за случаите со давањето македонски пасоши на меѓународни криминалци и за лицата со двојни матични броеви побараа пратениците од опозициските партии на Албанците во Собранието во рамки на расправата за неговата интерпелација. Пратениците, пак, од владејачкото мнозинство сметаат дека таа е беспредметна, дека МВР под раководство на министерот Спасовски добро ја извршува фунцијата, за што, како што рекоа, говорат и бројките кои укажуваат на поголема успешност во справување со криминалот. Интерпелацијата, посочија тие, е поднесена за случајот со Мијалков, а тој, како што нагласија е во притвор со две изречени затворски казни.
Интерпелацијата, како што рече, Хисни Исмаили од Алтернатива, била поднесена за случајот со бегството на Мијалков, но потоа во периодот кој следувал имало уште многу скандали во работењето на МВР. По кражбата на два тони марихуана од производител, рече тој, беа најдени само 230 килограми, па се поставува прашањето каде отиде останатата количина. Во меѓувреме, нагласи Исмаили, излезе и случајот до давањето македонски пасоши на криминалци, но и случајот со 20 000 лица кои имаат најмалку по два матични броеви.
Сетоа ова, рече Исмаили, не може да се случи доколку не се вмешани структури од власта и од Министеротвото за внатрешни работи.
На дискусијата реплицираше министерот Спасовски, кој во врска со случајот со двојни матични броеви рече оти е лага дека станува збор за 20 илјади лица. Напротив, рече Спсовски, се работи за 3100 случаи на двојни матични броеви, од кои 2200 веќе се поништени. Тој нагласи дека станува збор за случаи кои јавуваат од 1981 година.
Министерот Спасовски истакна и дека интерпелацијата е малку чудна бидејќи, како што истакна, е понесена заради успешна полициска активност во врска со случајот со Мијалков, кому му се заканува долгогодишен затвор. Опозицијата има проблем, рече, затоа што власта со несмален интензитет уште од првиот ден се справува со криминалот.
Сурија Рашиди од Алијанса за Албанците смета дека министерот Спасовски треба да си понесе одговорност, меѓудругото и за бегството и на Груевски и за случајот со Мијалков. Можеби, рече тој, Спасовски не е креатор и помошник во изведувањето на бегствата, но мора да има одговорност за тоа што не знаел и не открил кој се учествувал во нив.
Пратениците од партиите на власт сметаат дека интерпелацијата е беспредметна и несоодветна. Според нив, таа е само обид за стекување политички поени на опозицијата и оти нивните обвинувања не се поткрепени со факти.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.