Податоците кои ќе се добијат од најобемната статистичка операција која веќе е почната во прва фаза, а која повеќе од 19 години не е направена во нашата земја ќе помогнат за рамномерен регионален развој, кој треба да е инклузивен и да ги опфати сите општини каде живеат етничките заедници, со цел да се насочат правилни политики и мерки за планирање успешен економски и социјален развој.

Ова го порача националниот координатор за интеркултурализам, едно општество, развој на културата и меѓуресорска соработка, Роберт Алаѓозовски, на средба со претставници на бошњачката заедница во земјава, кои учествуваат на различни нивоа во општествените и граѓански процеси.

Од владината прес-служба информираат дека на средбата присуствувала и Јасмина Ѓорѓиева, координатор на Секторот за дисеминација и односи со јавноста во Државниот завод за статистика, која присутните ги информирала за процесот на попишувањето и за сите детали кои од страна на Заводот се преземени за успешно спроведување на Пописот 2021.

На средбата било истакнато дека успешно спроведената методолошка операција ќе помогне и во динамизирање на целите интегрирани во Националната стратегија за развој на концептот за едно општество и интеркултурализмот донесени од Владата за 2020-2022 година, односно на Акцискиот план кој помага за поуспешно остварување на овие заложби.

Присутните претставници на бошњачката заедница информирале дека и формираното Координативно тело на бошњачките организации за Попис 2021 е со цел да се поддржи Пописот и да се оствари успешна транспарентна и инклузивна операција, со што помасовно учество на сите граѓани.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.