Под слоганот „Честит 11 Октомври! Секогаш слободни!“  со повеќе свечености ширум Македонија ќе биде одбележан на 11 Октомври – Денот на народното востание на македонскиот народ.

Свеченостите ќе се одржат во посебни услови согласно протоколот за одбележување државни празници на Комисијата за заштита од заразни болести односно без масовни народни собири, со минимум присутни лица и почитување на здравствените протоколи – обезбедена дистанца и заштита.

Претседателот на Владата, Зоран Заев, по повод чествувањето на 79 години од Денот на народното востание на македонскиот народ, ќе се обрати на свеченото одбележување во Куманово, кое ќе почне со положување цвеќе пред Спомен – Костурницата.

Премиерот Заев на положувањето цвеќе ќе ја предводи делегацијата која ја сочинуваат министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска, министерот за транспорт и врски Благој Бочварски и министерот за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини.

Како дел од свеченото одбележување на државниот празник 11 Октомври, владини делегации ќе положат цвеќе и во Прилеп и Скопје.

Во Прилеп, владина делегација предводена од заменик-претседателот на Владата задолжен за европски прашања Никола Димитров, придружуван од министерот за надворешни работи Бујар Османи и министерката за образование и наука Мила Царовска, ќе положат цвеќе на: Споменикот на Методија Андонов-Ченто, Споменикот на Кузман Јосифовски-Питу, Алејата на народни херои, Споменикот „Жена борец“ и Могилата на непобедените.

Венци цвеќе, пред Споменикот на борците, кои паднаа за ослободување на Скопје, ќе положи владина делегација предводена од првиот заменик-претседател на Владата и министер за политички систем и односи меѓу заедниците Артан Груби, а во состав министерката за одбрана Радмила Шекеринска, министерот за правда Бојан Маричиќ и министерот за здравство Венко Филипче.

По повод државниот празник 11 Октомври – Денот на народното востание,собраниски делегации ќе положат цвеќе во Скопје, Прилеп и Куманово.

Пратеничките Снежана Калеска-Ванчева и Бети Стаменкоска-Трајкоска,во Скопје, ќе положат венец свежо цвеќе на споменикот на ослободителите на Скопје – Платото пред Владата. Пратениците Миле Талески и Ане Лашкоска, во Прилеп, ќе положат венци свежо цвеќе на споменикот на Методија Андонов-Ченто, на споменикот на Кузман Јосифовски-Питу, во Алејата на народните херои, на споменикот „Жена борец“, и на Могилата на непобедените. Пратениците Мартин Костовски и Бране Петрушевски, ќе положат свежо цвеќе на спомен-костурницата во Куманово.

Со цел почитување на препораките за заштита од коронавирусот Ковид-19, бројот на учесниците во настаните, кои ќе се случуваат без традиционалната културно-уметничка програма и без собири на граѓани, е ограничен.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.