Бројот на активни ковид случаи во земјава изнесува 8 037, од кои најголем број, 3 826 се во Скопје, покажуваат вчера објавените податоци од Институтот за јавно здравје. Регистрирани се нови 342 случаи на Ковид-19, од направени 2.349 тестирања, седум починати и 348 оздравени пациенти.

Од Министерството за здравство апелираат граѓаните да се вакцинираат, бидејќи само така ќе дојдеме до колективен имунитет и ќе спречиме ширење на мутации на СарсКов2.

Во период од 6 август до вчера на територијата на државата 60 772 граѓанин, се позитивни од тестирани на Ковид 19, од кои 31 отсто биле целосно вакцинирани, односно 19.025 лица. Голем е бројот на невакцинирани граѓани кои се заразиле со Ковид-19. Според статистика за изминативе месеци, 41 747, граѓани, односно 69 отсто од позитивните на Ковид-19 не биле вакцинирани, се наведува во анализата што вчера ја објави Министерството.

За вакцинирани, како што се посочува, се сметаат лицата кои се вакцинирани со две дози и поминале најмалку 14 дена од примање на втора доза вакцина.

Смртноста кај невакцинираните е драстично поголема, покажува анализата. Во период од 6 август до вчера од вкупниот број починати со Ковид-19, 79 отсто биле невакцинирани, а 21 отсто примиле вакцина. Според анализите, починатите имале повеќе комбинирани хронични заболувања. Пациентите биле вакцинирани со сите типови вакцини кои ги има на располагање кај нас. Секоја вакцина која ја имаме на располагање е безбедна, информираат од Министерството.

Што се однесува до состојбата со Ковид-19 во регионот , досега потврден случај на сојот Омикрон има во Грција. Тамошната Комисија за вакцинација при Министерството за здравство вчера донесе одлука третата доза од вакцината против Ковид-19, за сите над 18 година да се прими по три, наместо по шест месеци како што беше досега, јави дописничката на МИА од Атина.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.