Ако нема премиер Албанец ќе нема ни влада, објави „Плусинфо“, по брифингот со дел од функционерите на ДУИ.

Кандидатот за премиер, како што најави лидерот на ДУИ Али Ахмети, ќе го соопштат на првиот ден од изборната кампања. Според „Плусинфо“ во игра за кандидат за премиер се петмина интелектуалци од сферата на економијата, а Ахмети ќе пресече кој ќе биде адутот кој ќе треба да ги „исфрли“ Заев или Мицкоски од престижната функција.

Ако Заев или Мицкоски дефинитивно ја отфрлат понудата, а ДУИ е победник на изборите во албанскиот политички блок и од нас зависи формирањето на новата влада, тогаш ќе нема ни влада, ќе има политичка криза и нови избори, брифира функционер од ДУИ за „Плусинфо“.

Според него, во таков случај ни СДСМ, ни ВМРО-ДПМНЕ нема да можат да направат влада, бидејќи ќе немаат доволно мнозинство, односно ДУИ како победничка партија кај Албанците повторно ќе инсистира на коалиција победник со победник, но овојпат и со премиер Албанец.

Од партијата не прецизираат како ќе спречат СДСМ или ВМРО-ДПМНЕ да формираат влада со другите партии на Албанците, дали повторно ќе дејствуваат вонинституционално, со протести по улиците како по изборите во 2006 година. Од таму велат дека за тоа, органите на партијата ќе одлучуваат кога ќе дојде време.

Висок функционер на ДУИ е убеден дека ќе има влада со премиер Албанец и дека тоа го кажува компетентно и со основа.

Платформата за прв премиер Албанец кај Албанците станува сѐ повеќе референдумско изјаснување. Концептот ги мобилизираше сите општествени слоеви кај Албанците, а секако добива секој ден сѐ поголема поддршка и кај другите заедници. Ова е лавина која нема да може да се спречи, а целта е благородна, еднаква шанса и целосна еднаквост за сите, вели функционерот на ДУИ.

извор: Плусинфо



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.