Доколку сакаме младите да ги мотивираме да бидат општествено активни, како и да гласаат на изборите, основно е да ја прифатиме речиси неограничената слобода која тие денес можат да ја имаат – истакна комуникологот Бојан Кордалов во петтата епизода од подкастот „Европски муабети“ кој е организиран од страна на Младинскиот сојуз, а во соработка со Europe House – Скопје, како и со поддршка од Делегацијата на Европската Унија.

„Таа слобода произлегува од речиси неограничените можности кои дигитализацијата и интернетот им ги овозможуваат на сите, а особено на младите луѓе: работа и учење од дома, соработка со компании кои се оддалечени илјадници километри преку користење на дигиталните платформи… И затоа е денес тешко на една млада личност да и објасните зошто не е возможно ако денес сака да работи од дома или од парк на пример. Или, пак, дека работата единствено може и мора да ја заврши во одредено време од денот, пример од 7 до 15 часот. Едноставно, тоа е тешко бидејќи слободата што интернетот ја дава не ги наметнува ваквите ограничувања, односно овозможува пристап до учење, работа и каква било комуникација на флексибилен начин, особено во планирањето на секој на своето време во текот на денот.“, вели Кордалов

Тој смета дека проблемот со недовербата од страна на општеството кон младите луѓе и нивното третирање дека се само достојни да слушаат, да бидат нечии калфи или записничари, односно дека ги бидува само за купување на појадок и варење на кафе веќе си го зема својот данок.

„Дебатите за тоа дали е некој млад или возрасен мора да ги замениме со комуникација дали е некој способен или не. Денес младите немаат време, како ние пред децении, до бескрај да се докажуваат дека вредат. Од една едноставна причина што регионот, Европа и светот им се целосно отворени и достапни, па и со првото разочарување може и најчесто избираат да си заминат оттука. Ако сакаме здраво и демократски општество мора да ги поттикнуваме младите да размислуваат критички, да бидат љубопитни и да ги предизвикуваат авторитетите. Бидејќи доколку не создадеме целосно демократско општество, тогаш младите никогаш нема да добијат вистинска шанса. Со младите општеството не смее да комуницира со наратив кој и понатаму само ги учи и им наредува како треба да постапуваат, да се однесуваат и како да мислат. Од едноставна причина што младите имаат право да се обидат и да погрешат. Бидејќи ако не погрешите кога сте млади, кога?“, прашува Кордалов во подкастот на Младински сојуз.

Комуникологот истакнува дека најголемото прашање не е иселувањето на младите, иако според него тоа е огромен проблем. Многу поголем предизвик за целото општество е фактот што на сите релевантни истражувања, речиси и да не постои млада личност која перспективата ја гледа во својата земја. Затоа, вели Кордалов, ни требаат активни млади луѓе не значи само во политиката, туку и во граѓанскиот сектор, неформалното образование, културата, спортот и слично. Како пример за политичко учество и активизам тој ги посочува и театарската претстава или некој младински подкаст или видео производ преку кој младите изразуваат критика или афирмација на одредени општествени појави.

„Мора да им помогнеме и овозможиме младите да си ја најдат својата перспектива. А, таа во огромна мера веќе ја лоцираат во дигиталните вештини. Имено, според македонската статистика, просечната плата во ИТ индустријата достигна неверојатни 73.800 денари или нешто повеќе од 1.200 евра. Ако како општество им мислиме добро на нашите млади, ако сакаме денешните генерации млади да не ги живеат проблемите на денешницата како што се предизвиците поврзани со ниски плати, егзистенцијални проблеми и апатичност, мора да ги оставиме да го трасираат својот пат и да вложуваат во дигиталните вештини“, посочи комуникологот Бојан Кордалов, кој од неодамна беше избран и за претседател на Советот за дигитална трансформација на Западен Балкан при германскиот Институт Хајделберг со седиште во Скопје.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.