Периодот на владеење од 2017-та година до денес, најдобро се карактеризира според мое мислење, со синтагмата понижена држава.

Вака првиот човек на највисоката научна установа во Македонија, ја оценува состојбата во државата минативе четири години. Претседателот на МАНУ Љупчо Коцарев, вели со политиките последниов период директно се удира врз македонските национални интереси и македонската историја, која што се менува по барање на други. Коцарев порачува дека доколку ја изгубиме нацијата, воопшто нема да има ентитет кој би се интегрирал во Европската унија.

Понижувањето се предизвикани и од домашни и од надворешни потреби, а сите имаат заеднички атрибут владеење. Ова е време кога владејачките елити се впуштија во друга крајност, национален инженеринг преку бришење на сите одлики на современата македонска нација, со образложение дека тоа е услов за европска интеграција, изјави Коцарев.

Првиот човек на МАНУ оценува дека македонската политичка елита го има хибрис синдромот. Кој претставува прикажување на лице како месија, односно тенденција кон величење кај самиот себе, идентификација на сопствената личност со државата, како и претерана верба во себе и во личните можни постигнувања, често се граничи со чувството на семоќност.

Властодршците, не само во Македонија, без јавна контрола, многу брзо пројавуваат симптоми на синдромот хибрис, стекнато нарушување на личноста. Лицата со овој синдром ги имаат следните одлики: нарцисоидност, ароганција, некомпетентност за носење геострашки одлуки и за креирање политики, изјави Коцарев.

Академик Катица Ќулавкова е на ставот дека мора да се поставиме со поцврст став кон источниот сосед. Според неа јасно е што Бугарија бара, односно да признаеме дека македонскиот јазик и историја се бугарски, нешто што не можеме да го прифатиме. Порачува дека е против внесувањето на Бугарите во македонскиот устав, а доколку бидат внесени, би требало да се бара реципроцитет.

Плус во Бугарија знаеме дека има над 2 и пол милиони македонска имиграција, која се иселувала од Македонија во 17-ти, 18-ти, 19-ти век, па и во 20-ти век. Значи де факто имаме по квантитет огромна македонско население во Бугарија и Бугарија одбива да го признае, оти не сака да го менува Уставот. Доколку би имало некаков реципроцитет, тоа би требало да биде предмет на договор, изјави Ќулавкова.

Коцарев упати критики до сите владејачки гарнитури кои досега ја воделе државата. Додека сегашната според него ја направила Македонија понижена држава, претходната ја направила заробена.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.