Испитувањето на претседателот на Демократската унија за интеграција (ДУИ) Али Ахмети од страна на истражителите на Специјалното обвинителство за воени злосторства во Косово, кое се одржа во просториите на мисијата на ЕУ – ЕУЛЕКС во косовскиот главен град, заврши попладнево, по повеќе од осум часа од неговото појавување таму утрово околу 9:30 часот, јави дописникот на МИА од Приштина.
Околу 18 часот Ахмети е забележан како го напушта седиштето на меѓународната правна мисија во Косово, при што не даде никаква изјава за медиумите.
Според косовските и другите медиуми на албански јазик, но и според самиот Ахмети, тој е повикан на распит во својство на сведок, како еден од членовите на Ослободителната војска на Косово (ОВК) уште од нејзиното основање и активен учесник во косовската војна во 1998-99 година.
Иако засега нема официјални информации ниту од лидерот на ДУИ, ниту пак од Меѓународниот трибунал, според досегашните практики на Специјалното обвинителство, може да се очекува распитот да продолжи и во текот на утрешниот ден.
Специјализираните комори за Косово, како што е официјалниот назив на судот чие седиште е во Хаг, а кој во косовската јавност е познат како „Суд за ОВК“, го водат меѓународни обвинители и судии. Формалната работа ја започна во јануари минатата година, со испитувањето на еден од поранешните команданти на ОВК.
Покана да се јават пред обвинителството, во својство на осомничени или сведоци за злосторства против цивилното албанско и српско население во Косово за време и по последната војна со Србија, според досегашните информации, имаат добиено над 300 поранешни водачи или други припадници на ОВК.
Меѓу последните обвинети се и двајца од основачите и водачите на ОВК, претседателот на Косово Хашим Тачи и лидерот на Демократската партија на Косово и доскорешен собраниски спикер, Кадри Весели.
Истрагите, како што е најавено, се сконцентрирани на претпоставени злосторства во периодот од јануари 1998 до декември 2000 година.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.