Претседателот на ДУИ, Али Ахмети, од Собранието порача дека не верува оти Движењето Беса ќе излезе од владејачката коалиција.
Во коментар на изјавата на генералниот секретар на Беса, Арјанит Хоџа, дека поради одлуката за прегласување на изборите за градоначалник во Желино можно е партијата да ја напушти владината коалиција, Ахмети нагласи дека нема потреба да се врши притисок врз институциите и дека треба да се почитува одлуката на ДИК за прегласување на едно избирачко место во Желино.
Сметам дека нема да се случи Беса да ја напушти Владата, зашто таквиот потег нема да ѝ биде од полза на таа партија. Нивните изјави може да се разберат како еден вид притисок врз владејачката коалиција, но коалицијата нема да биде оштетена од таквите изјави или слични притисоци. Пред сѐ, тоа не е добро затоа што тие изјави значат притисок врз институциите кои мора да го спроведат законот – изјави Ахмети.
Проблемот во Желино се појави откако Беса веќе прогласи победа на нивниот кандидат за градоначалник во општината Желино, кој освои 59 гласови повеќе од кандидатот на ДУИ, но во меѓувреме, ДИК ги прифати приговорите на ДУИ за гласањето на едно избирачко место во Желино и донесе одкука за прегласување бидејќи има можност за промена на изборниот резултат.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.