Поранешниот претседател на Комисија за лустрација Томе Аџиев и поранешниот член на Комисијата Чедомир Дамјановски вечерва во гостувањето во телевизија Алфа во „Што не е јасно“,  секој од својот агол го коментираа предлогот на СДСМ за укинување на Законот за лустрација. Иако се разидуваат во мислењата, двајцата се согласни дека укинувањето на Законот и обештетувањето на лустрираните е противуставно и ќе падне пред Уставниот суд.

Томе Аџиев поранешен претседател на Комисија за лустрација истакна дека Комисијата немала никакви притисоци при својата работа.

Ќе кажам дека сите предмети кои ги помина Комисијата за верификација на факти кои завршија со одредени решенија врз основа на кои беше прогласено дека одредено лице било соработник се прецизни врз основа на документи. Нема ниту еден предмет каде што фалат документи, или каде што нема документи или пак кај што некој креирал документи. 11 членови беа во комисијата сите ги гледаа документите и гласаа според својата совест, вели Аџиев.

Тој потенцира дека сите предмети се врз основа на законот и документите со кои располагала Комисијата.

Сите предмети се врз основа на законот и документите со кои располагаше Комисијата. Документите најчесто беа добивани од Државниот архив на Република Македонија, каде што се архивирани сите досиеја. Тоа се некаде околу 15 илјади досиеја. Нешто од УБК, таму некоја помала група добивме. Никој не можеше да биде лустриран врз основа на политички влијанија. Ако немаше документи, не можеше да биде лустриран. Никој од членовите, сите беа сериозни луѓе, не би влегол во таква игра да направи некој преседан да гласа како што ќе му текне без да има документи без ништо. Тие документи сите се архивирани во Државниот архив, секој може да го види. Ќе одговараме сите ние ако нема документи, вели тој.

Укинувањето на законот е поради политички причини и нема никаква поврзаност ниту со правда, ниту со правдина.

Владината одлука да побара од Собранието да донесе закон за поништување на лустрацискиот процес претставува преседан каков што не е познат во правната проблематика. Аџиев  истакна дека во ниту една држава од посткомунистичките диктатури не се случило реверзибилен процес на лустрација, односно нејзино поништување и дека ваквиот преседан има опасност да го наруши правниот систем во државата.

Во посткомунистичките диктатури што постоеја се донесоа закони за лустрација, се спроведоа процесите, завршија како што завршија во секоја држава, меѓутоа ниту една држава не покрена ревизибилен процес да се поништи лустрацијата. Значи ова мислам дека е преседан што можеби ќе го наруши нашиот правен систем, кажа Аџиев.

Поранешниот претседател на Комисијата за лустрација Аџиев појасни дека законот исто така најверојатно ќе биде неуставен и дека се руши правниот систем на државата за да се задоволат потребите на мала група која била засегната со процесот на лустрација.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.