Адвокатот Јовица Страшевски, кој го застапува Миле Јанакиески во случајот „ТНТ“, испрати јавно барање до министерот за здравство Венко Филипче за произјаснување во врска со ставот на Судскиот совет и мерките за превенција од корона вирусот за заштита на јавното здравје.
Страшевски смета дека ставот на Судскиот совет, кој е идентичен на ставот на Министерството за правда, судот да продолжи да ги суди и во вакви услови над 90 проценти од предметите кои се во надлежност на Основно јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, претставува ризик за јавното здравје, зашто секојдневно во судовите ќе циркулираат стотици луѓе.
Се надевам дека адвокатите, обвинетите, судиите, поротниците, вештаци, сведоци, припадниците на МВР и судската полиција, новинарите, преставниците на невладиниот сектор и вработените во судот треба да имаме ист третман како и секој граѓанин во нашата држава.
Ве молам со цел да се разјасни на нас адвокатите, но и на сите кои директно или индиректно учествуваат во постапките пред судовите, да одговорите на следниве прашања:
1. Дали во судницата треба да се задржи минимум неопходно растојание од најмалку еден метар и половина до два метри помеѓу луѓето кои престојуваат во судницата?
2. Дали доколку не се обезбеди вака просторни услови треба да се одржуваат судења?
3. Дали под масовни собири се подразбира и присуство на 20 или повеќе лица во простории од 40 до 150 м2?
4. Дали за учесниците во постапката важат мерките за самоизолација?
5. Кој контролира дали некој учесник во постапка пред судот, изминатиов период бил во земји кои се од висок и среден ризик на зараза имајќи во предвид дека изминативе денови во судот имаше сведок кој беше од Дебар или адвокат кој бил во вакво подрачје а слободно се движеа во судот? Кои се санкциите за ваквите дејствија?
6. Кој е надлежен за дезинфекција на судниците, шалтерите, ходниците, лифтовите, тоалетите и другите простории во судот?
7. Дали е доволно само двапати во една недела да се дезинфицира судница каде секој ден има и по неколку судења?
8. Кој контролира дали судниците и другите простории се дезинфицирани и каде да пријавиме доколку не се?
9. Врз база на која методологија правници т.е. претседателите на судовите и судиите ќе определуваат кои предмети не се со висок ризик по здравјето на учесниците во постапката нешто што е наведено во ставот на Судскиот совет?
10. Кој треба за сите присутни во судницата да обезбеди заштитни маски и нараквици?
11. Дали за учесниците во постапката кои во исто време се и родители со деца до 10 години кои се во градинка или училиште треба да се појавуваат на рочишта?
12. Дали учесници во постапката кои спаѓаат во група на хронично болни од некоја болест согласно листата објавена од Владата треба да се појавуваат на рочишта?
13. Земајќи во предвид дека во Основниот кривичен суд каде се судат овие предмети но и во останатите судови не се овозможува употреба на информатичка технологија за да има видеостриминзи и слично дали треба да се одржуваат судења земајќи предвид дека неопходно е јавност при судењето?
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.