Покажавте храброст, покажавте одлучност и упорност, горд сум што сум во истиот тим со сите вас и целата Алијанса е посилна со вашето членство, сите сме посилни заедно, порача командантот на Сојузничката команда на здружените сили на НАТО во Неапол, адмиралот Роберт Бурк на денешната свеченост за одбележување на првата годишнина од членството во НАТО во скопската касарна Илинден.

Знам дека вие се надградувате на овие импресивни способности кои веќе ги имате и вашата уникатна експертиза и стручност, ќе биде одличен придонес за Алијансата. Знам дека ќе служите како сјаен пример на другите земји кои го следат вашиот пат – рече тој.

Тој додаде дека пред да стане сојузник, Македонија долго време била партнер и придонесувач за НАТО и за евроатлантската безбедност. Адмиралот потсети дека нашата земја се приклучи на програмата на НАТО Партнерство за мир во 1995 година и почна акциски план за членство на Самитот во Вашингтон во 1999 година.

Од тогаш вашата посветеност кон Алијансата се докажува одново и одново. Северна Макеоднија агресивно бара начини да придонесе кон стабилноста во регионот и пошироко, на многубројни начини како што е распоредувањето на ваши трупи во КФОР на Косово и мисијата на НАТО „Одлучна поддршка“ во Авганистан и во Ирак – рече Бурк обраќајќи се пред претседателот Стево Пендаровски, премиерот Зоран Заев, министерката за одбрана Радмила Шекеринска, Армијата и останатите гости.

Според него, надворешните чинители, наметливи соседи, како што рече, остануваат активни со директни импликации врз регионалната безбедност.

Сепак останува нашата непоколеблива заложба дека секоја земја мора да биде слободна, да ги избере своите безбедносни аранжмани, вклучително дали да се приклучи или не на кој било договор или сојуз како што е НАТО – рече адмиралот Бурк, додавајќи оти мора повеќе да се потрудиме да ги разбереме импликациите од земји како Кина по нашата безбедност и покрај тоа и понатаму ја гледаме постојаната закана од тероризмот.

Според министерката Шекеринска, членството во НАТО е најголемото достигнување во нашата историја како независна држава.

Членството во НАТО беше наша битка и ние оваа битка ја добивме со жртви, со ризици и со многу работа, но ја добивме. Членството на Република Македонија во најмоќниот воено политички сојуз е најголемото достигнување во нашата историја како независна држава. Некои понесоа поголем товар од останатите и затоа сме токму тука во касарната „Илинден“ да ја одбележиме првата годишнина од НАТО членство. Ќе продолжиме да ѝ обезбедуваме секоја година повисок буџет за секој момент да имаме армија на која што можеме да се потпреме и во војна и во мир, во добро и во лошо, при криза, епидемија, пожари или поплави – рече таа.

Ако со еден збор треба да го опишам денешниот настан со кој го славиме членството на Македонија во НАТО, тогаш тој збор е успеавме. Успеавме затоа што членството во НАТО е најголемиот придонес за нашата безбедност и стабилност. Тоа е најсилната гаранција за заштита на територијалниот интегритет и на суверенитетот на Република Македонија – рече премиерот Зоран Заев.

Армијата развива нов лесен пешадиски баталјон кој веќе следната година треба да биде подготвен за распоредување и во 2027 година ќе прерасне во лесна пешадиска баталјонска група, а се развиваат и два тима за специјални операции, еден хируршки тим, како и тим на специјалисти за стабилизација и реконструкција.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.