Администраторите вработени во ГОБ „8 Септември“ – Скопје бараат од министерот за здравство Венко Филипче да бидат вклучени во четвртиот пакет за еднократна помош за сите здравствени работници и соработници вклучени во работата со Ковид-19 пациенти.

Ние како дел од оваа болница, која веќе 9 месеци е ковид центар и ги прифаќа и работи со сите Ковид-19 суспектни и позитивни случаеви во државата, а сме први во контакт со тие пациенти, сметаме дека заслужуваме и треба да добиеме еднократна помош како и сите останати во болницата. Голем дел од нас се заразија на работното место, а нашата работа беше извршувана без застој и со ограничен број на луѓе, без можност да користиме годишен одмор и боледување, се вели во барањето на администраторите.

Тие се повикуваат на наредбата која ја има донесено директорот на болница со кои административните работници активно се вклучуваат во ковид борбата.

Извадок од Наредбата 17-8060/1 од 24.11.2020 година издадена од Министерството за здравство на Р.Македонија, врз основа на која нашиот директор ја има донесено наредбата: “Административните работници во болницата да се вклучат и да учествуваат во извршувањето на посебните и редовните задачи во врска со давање на административни услуги за овозможување и давање на здравствени услуги на пациентите болни од заразната болест COVID-19.” а потоа и “Секое непостапување по оваа наредба и одбивање за извршување на работна задача ќе претставува дисциплински престап и истото ќе биде соодветно санкционирано“, стои во барањето на административците.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.